Балетска праизведба на „Молитви на моето тело“ посветена на Ацо Шопов

Балетот „Молитви на моето тело“ инспириран од поезијата на Ацо Шопов за чија кореографија се погрижија Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, ќе биде премиерно изведен на 20 декември (среда) во 20 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Ова е последна премиера за годинава и завршен настан со кој се заокружува јубилејот по повод 100 години од раѓањето на големиот поет.

Идејата за проектот е на Александар Ношпал, кој ги креираше и костимите. Драматург е Соња Здравкова-Џепароска, музиката е дело на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски.

Сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, а за камерата и видеомонтажата на филм се погрижи Доријан Миловановиќ.
Мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков, а поетско читање ќе слушнеме од актерот Никола Ристановски.

– Станува збор за три различни изразувања поврзани во едно цело, а тоа едно цело е и поезијата на Шопов. Сметам дека ова ќе биде многу голема и комплексна работа за нас како балет и колектив, бидејќи работиме три различни дела од три различни кореографи со три различни изрази и сметам дека на 20 декември ќе имаме прекрасна премиера која ќе биде за паметење – рече Олга Панго, раковидетелка на Балетот.

Во претставата настапуваат: Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ивана Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча, Франциско Хименес Руис, Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски и Алфред Јаго.

– Оваа поезија е структурирана во три дела. „Раѓање“ е првиот дел кој се однесува на раѓањето на зборот, на раѓањето на телото, на раѓањето на идејата и секој од овие циклуси беше обоен во одредена боја, бидејќи тоа некако органски мене ми се наметна како драматург, а целиот тим го прифати, појасни Здравкова-Џепароска.

Сподели