„Баланеску квартет“ – виртуозно рандеву на фолклорот со современата музика

Тага, љубов, радост – плејада емоции ни донесоа четворицата виртуози на своите инструменти – Александар Баланеску, виолина, Јури Калнитс, виолина, Хелен Каминга, виола и Николас Холанд, виолончело.

Во време во кое сè поретко ќе слушнете дека некој отпатувал во некоја метропола за да гледа нечиј концерт и да слушне светска музика, кога вреден светски звук ќе успее да дојде кај нас, тогаш тоа едноставно не смее да се пропушти. Такво беше чувството и очекувањето за настапот на „Баланеску квартет“ – меѓународно најафирмираниот музички состав што доаѓа од Романија. Тага, љубов, радост – плејада емоции ни донесоа четворицата виртуози на своите инструменти – Александар Баланеску, виолина, Јури Калнитс, виолина, Хелен Каминга, виола и Николас Холанд, виолончело.

Марија Танасе, романска пејачка на традиционални песна била голема инспирација за Баланеску. Тој ù оддаде почит изведувајќи ја Суита Maria T. Баланеску е магионар на виолина, кој од своите корења, од убавата романска музика и традиција создава нов современ звук, со џез елементи.
Егзилот, миграцијата, војната – се теми кои за жал, биле дел од животот и на Баланеску. Актуелниот момент и војната во Украина се чинеше повеќе од соодветен за изведба на SoulEtude или Luminitza.

Во знак на благодарност на прекрасната публика, „Баланеску квартет“ на бис ја изведе нивната верзија на Robots од „Крафтверк“.

Филхармонијата дефинитивно направи вистински потег што го покани „Баланеску квартет“ во Скопје. Македонската публика заслужува светски настани.

Фотографии: Маја Аргакијева

 

Сподели