„Бакнеж во Париз“ е насловот на концертот што во чест на празникот 14 Февруари – посветен на љубовта и виното, ќе се одржи вечерва во 20 часот во големата сала на Македонската филхармонија. Солисти со оркестарот на Филхармонијата ќе бидат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран.
Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни, велат од Филхармонијата.
-Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот. Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалакот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.
Ова е програмата на концертот:
Ж. Бизе: „Кармен“ – Свита бр. 1: Прелудиум – Арагонеза (инстр.)
Ж. Бизе: „Хабанера“ од операта „Кармен“ (сопран)
Р. Портман: „Вијан ја отвора својата продавница“ (од филмот „Чоколадо“) (инстр.)
В. Ското: „Имам две љубови“ (сопран и хармоника)
М. Легранд: „Ќе те чекам“ (од филмот „Чадорите од Шербур“)
(арр. Џ. Емин) (инстр.)
Ф. Ваксман: „Островот на времето“ – Концерт за хармоника и симфониски оркестар
– Нека се отворат небесните порти!
– Нека се појави Изида, господарката на Филе!
– Нека се разбуди Сотис на својот хоризонт!
Ж. Бизе: „Кармен“ – Свита бр. 2: „Боемски танц“ (инстр.)
М. Легранд: „Ветерниците на твојот ум“
(од филмот „Аферата Томас Краун“) (арр. Џ. Емин) (инстр.)
Р. Портман: „Текот на времето“ (од филмот „Чоколадо“) (инстр.)
Ј. Тирсен: „Валцот на Амели“
(од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“)
(арр. Џ. Емин) (инстр.,хармоника)
Ж. ван Парис: „Плач на ридот“ (сопран, хармоника)
А. Жиро: „Под небото на Париз“ (сопран, хармоника)
А. Пјацола: „Јас сум Марија“
(од танго-операта „Марија од Буенос Аирес“) (сопран)





