Атанас Георгиев: Ако сака да опстане, државата мора да го препознава јазикот на кој говорат уметниците

Искрено, не сум сретнал попосветен работник од кинескиот, а тоа го забележав тргнувајќи од моите асистенти со кои работев на проектот „Вирален“

Да се работи и да се остане подолго време во Шангај е исклучително искуство кое ме натера да си преиспитам некои ставови кон прифатени стереотипи, кои ги доживував како припадник на западната цивилизација. Сѐ уште сум изненаден од повеќето наративи во меинстрим-медиуимите кои упорно ја претставуваат Кина како чудовиште кое сака да нѐ проголта. Напротив, за време на мојот престој во Кина се чувствував послободно отколку во која било друга т.н. демократска земја, вели продуцентот и монтажер Атанас Георгиев по бесценетото искуство и можноста со меѓународна екипа да работи на документарниот филм „Вухан, сезона на пеколот“. Продуцентот на „Медена земја“, „Кеш и Мери“, „Со љубов“ за Умно.мк раскажува за можноста да работи на светски проекти.

Снимањето на документарен филм за Вухан беше голем предизвик во 2020 година. Помогна ли ѕвездениот успех со „Медена земја“ да Ви се отворат повеќе врати за нови проекти?

– Филмските проекти се живи организми. Јас верувам дека во моментот кога ќе се роди или открие некоја силна приказна, тимот сам се оформува, а вистинските филмаџии си ги препознаваат квалитетите, а потоа меѓусебно се привлекуваат. По „Медена земја“ бев вклучен во неколку одлични проекти, а некои од нив се веќе завршени и со докажан квалитет. „Ловците на тартуфи“ (The Truffle Hunters) на Мајкл Двек и Грегори Кершоу беше прикажан на „Санденс“ и во Кан минатата година, а штотуку успеа да влезе во потесната листа од 15 филма во трката за „Оскар“. Копродуцирам два комплицирани меѓународни документарни проекти, а во меѓувреме монтирав и уште неколку долгометражни филмови. Од многуте останати понуди кои се појавија, не можев да одбијам проект кој се бави со таква важна тема, како што е избивањето на епидемијата на вирусот Sars Cov-2. Во филмот „Вухан, сезона на пеколот“, на кој прво беше ангажиран снимателот Фејми Даут, се работи за почетокот на избивањето на епидемијата во Вухан и како Кина се справи со истата.

Атанас Георгиев на фестивал во Шангај

Преку овој студиозен и аналитичен филм имав можност од прва рака да се запознаам со глобалниот проблем кој го предизвика пандемијата и одблиску да ги анализирам состојбите и влијанието врз сите сегменти на живеењето. Од последните неодоливо значајни проекти би ја издвоил и понудата за работа на многу значаен документарен филм поврзан со големата катастрофа заради пожарите во амазонските шуми, а меѓу продуцентите на филмот се Брус Коен („Американска убавина“) и Фишер Стивенс (The Cove). За мене од особено значење е поканата за почесен професор на Шангајскиот национален универзитет, отсек филмска уметност во наредните три години, почнувајќи од оваа.

На филмот за Вухан работеше меѓународна екипа. Какво беше ова искуство, имаше ли работи кои Ве изненадија во смисла на организација на снимање филм?

– Да се работи и да се остане подолго време во Шангај е исклучително искуство кое ме натера да си преиспитам некои ставови кон прифатени стереотипи, кои ги доживував како припадник на западната цивилизација. Сѐ уште сум изненаден од повеќето наративи во меинстрим-медиуимите кои упорно ја претставуваат Кина како чудовиште кое сака да нѐ проголта. Напротив, за време на мојот престој во Кина се чувствував послободно отколку во која било друга т.н. демократска земја. Уличен криминал скоро и да нема, родителите без страв ги пуштаат децата сами на училиште, загадувањето и сиромаштијата се сведени на минимум, стандардот е на високо ниво, технолошкиот напредок е насекаде очигледно присутен, а сите кои ги сретнав беа впечатливо образовани, културни, со особено скромен и ненаметлив однос кој оддава впечаток на скромност и доблесност.

Искрено, не сум сретнал попосветен работник од кинескиот, а тоа го забележав тргнувајќи од моите асистенти со кои работев на проектот.

Кина во моментов е несомнено единствената слободна земја во светот, ослободена од вирусот, без никакви ковид-рестрикции и забрани. Оттука, лесно е да се разбере стравот од Кина и хистеричното негирање на сѐ што доаѓа од таму. Западот едноставно не сака да признае дека долго време негира систем кој секако дека не е совршен, но за некои суштински работи е далеку понапреден и поздрав. И да, Кина многу брзо ќе надвладее, но со знаење, технолошки напредок…

Медената екипа ја почувствува магијата на Оскарите

Каква беше атмосферата за време на снимањето на филмот?

– Jа имам можноста да соработувам со „АРТеФАКТ ентертеинмент“, компанија со седиште во Шангај, која се бави со документаристика во Кина, пласирајќи се на домашниот, но и на западниот пазар. Тој што е малку поупатен, ќе знае дека тоа бара огромна храброст, бидејќи систем како кинескиот не дозволува никаква критика и секое авторско дело мора да пројде низ проверка кај комисијата за цензура. Со самиот факт дека не постои добар документарен филм без критика, авторите мораат да бидат екстра креативни за да бидат пропуштени од апаратот на проверка и цензура. Тоа знае да биде многу фрустрирачки, но исто така ги буди сите сетила за пронаоѓање визуелно изразување преку стилски фигури кои ќе го натераат цензорот да го воочи квалитетот и значењето на филмот.

Одговорно тврдам дека „АРТеФАКТ ентертеинмент“ на чело со Ји Хан и Малком Кларк се револуционери во документаристиката во Кина, каде што неуморно се борат објективно да ги покажат и добрите и лошите страни на кинеското општество – нешто што речиси скоро никој не успеал, а тие зад себе веќе ги имаат насловите како Last Train Home, China Heavyweight, Better Angels и др.   

Со оглед на тоа што се случи во март минатата година, на само еден месец по Оскарите, Ви поминува ли низ глава можеби дека имавте и касмет „Медена земја“ во вистинско време да биде дистрибуиран, да го види светот и да го достигне врвот?

-„Медена земја“ се појави во многу специфично време. И јас често пати се прашувам дали филмот ќе ја имаше истата судбина доколку се појавеше само една година порано или подоцна. Документаристиката секогаш чекори паралелно со случувањета во светот, а во последната декада фокусот на големосветската проблематика беше премногу социјално-политички наклонет, па така и меинстрим-документаристиката главно се бавеше со теми од Блискиот Исток, подемот на екстремната десница и левица, социјалните неправди и човековите слободи, а многу помалку со темите блиски на животната средина и нашиот однос кон природата. Мислам дека токму поради тој тематски дисбаланс, публиката се измори и го препозна филмот, па тој стигна до таму кај што стигна. Моментумот на пресврт би рекол дека е појавата на вирусот SARS-COV2, кој за жал ни наметна нови правила при консумирањето уметнички творештва и културни настани, киното комплетно замре, но затоа дигиталните платформи доживеаа експанзија како никогаш досега.

Во идеални услови за нашиот филм, вирусот требаше да задоцни неколку месеци за да ги наполниме и киносалите во Европа. Ова го велам затоа што сѐ уште единственото мерило колку е гледан филмот се добива од бројот на киногледачите, а дигиталните платформи на сосема друг начин манипулираат со својата публика и затоа сѐ уште немаме точна претстава за гледаноста. Но, сѐ ми се чини дека овој филм сѐ повеќе го гледаат и луѓе кои воопшто не гледаат документарци, а тоа веројатно го става на листата на највлијателните и најгледаните филмови во 2019/2020.

Минатата година станавте член на Американската филмска академија. Што поточно значи ова членство за Вас?

– Да се биде член на Американската академија на филмската уметност и наука е привилигија, чест, па и сон на секој филмаџија. Покрај пристапот до сите значајни филмови кои се произведуваат, на членството гледам како на семејство од колеги афирмирани филмаџии и можни идни соработници. Јас одбрав да бидам член на документаристичката бранша, но одлучив да гласам и во категориите Интернационален и Анимиран филм. Членството, исто така, овозможува дебати и разговори на теми од филмот и пошироко, опфаќајки општествено-социјални и научно-културни проблематики, со цел да влијае на промените во општото добро на светско ниво. Академијата, исто така, организира блиски средби и разговори со авторите кои се во трка за „Оскар“, кое го сметам за бесценето и многу важно за донесување правилна одлука за кого треба да се даде последниот глас, бидејќи во последниот круг на гласање, несомнено сите пет филма се со врвен квалитет. 

Неодамна филм во кој Македонија е копродуцент доби неколку награди на „Санденс“ – местото каде што започна приказната на „Медена земја“. Може ли да се каже дека македонскиот филм во последните години доживува меѓународен подем?

– Несомнено, македонскиот филм е сѐ поприсутен во филмските дијалози на светско ниво. Очигледно е дека Македонија произведе нов бран автори и филмски работници со посебни квалитети, а огромна штета е што нашето општество тоа не знае да го забележи и правилно да инвестира во истите. Крајно разочарувачки е односот на државата кон културата, воопшто. Самиот факт дека во време на најголемиот пик на успехот на филмот во Македонија, буџетот за филм се преполови, дури и пред да започне пандемската криза. Тоа дава јасна слика за негрижата на државата за квалитетот на поединецот во сите области. Сепак, сметам дека и покрај институционалната неспособност се создаваат филмови кои се повеќе си пронаоѓаат пат до публиката вон регионот. Вратите сами си ги отворивме, грст филмаџии, добро се препознавме кои сме, квалитетот се привлече меѓусебно и треба само да се потрудиме да го задржиме континуитетот.

Се наоѓаме во најтежок момент за творење и работа на филм, но сакам да верувам дека со завршувањето на киноерата, ќе се отвори различен пат до различна публика.

Ако успееме да преживееме уште малку и ако не се откажеме пред време, сигурен сум дека ќе видиме уште многу квалитетни дела од оваа почва. А државата ако сака да опстане, мора да почне да го разбира и препознава јазикот со кој уметниците говорат. Тој израз знае да биде болно себепрепознавање, a ако упорно се избегнуваат пораките кои доаѓаат од уметниците и  научниците кои се признаени на светско ниво – пропагањето е неизбежнo.      

Веќе работите на нов проект во Хонг Конг. За што станува збор?

– Веќе работам на хибридниот архивски документарно-наративен филм Rashomon Hong Kong, во режија на Малком Кларк. Тоа е истиот режисер на филмот за Вухан, двоен оскаровец, со четири номинации и огромно документаристичко искуство зад себе. Нашиот заеднички сензибилитет нѐ спои и на овој исклучително важен геополитички филм кој преку протестите во Хонг Конг, раскажува интимна приказна за двајца заљубени млади луѓе, а поради различните политички ставови, нивната љубов ќе се доведе во прашање. Тоа е приказна за една разорна ситуација која сѐ почесто ја гледаме во секој дом насекаде во светот, во сите политичко-општествени системи, а истовремено филмот од високо ја прикажува шаховската табла за пресметување на големите сили на терен.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.