Архитектот Огнен Марина вчера беше одликуван со орден „Витез на редот Ѕвезда на Италија“ од италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. Марина, декан на Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е одликуван со признанието со указ на италијанскиот претседател, Серџо Матарела, на предлог на министерот за надворешни работи на Италија.
Одликувањето „Витез на редот Ѕвезда на Италија“ е воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име. Се доделува на личности кои имаат посебни заслуги во унапредувањето на пријателските односи и соработката со Италија. На проф. д-р Огнен Марина орденот му се доделува за посебни заслуги во воспоставување и негување на лични и професионални релации со Италија, за соработка во различни научни и образовни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави.

На свечаниот настан во Центарот за напредни и постдокторски истражувања во Скопје, во присуство на ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, гости декани и професори од Универзитетите во Торино и Белград и голем број на студенти, колеги и пријатели, Марина го прими орденот и се заблагодари за укажаната чест.
– Ја примам оваа чест не само како потврда за моите лични достигнувања, туку и како прослава на достигнувањата од континуираната и долгогодишна соработка со моите колеги и пријатели од Италија. Таа започна преку нашиот заеднички интерес за градовите, развивајќи се во инспиративна потрага по знаењето и разбирањето на процесите кои ги обликуваат нашите општества – рече Марина.
Амбасадорот Силвестри кажа дека Марина низ годините има одлична соработка со Италија како професор, научен истражувач и декан на Архитектонскиот факултет, бил раководител на повеќе научно-истражувачки проекти од врвни европски програми во кои учествувале и соработувал со партнери од Италија, автор е на бројни книги и врвен професионалец.

По свеченото одликување, беше отворена 5. годишна Докторска конференција на Архитектонскиот факултет со предавањето од проф. д-р Микеле Бонино, декан на Одделот за архитектура на Политехничкиот универзитет во Торино и проф. д-р Валерија Федерики, продекан на истиот Универзитет. Како резултат на потпишаниот трилатерален договор за соработка на докторските студии помеѓу Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Политехничкиот универзитет во Торино и Универзитетот во Белград на конференцијата свои излагања имаа студенти докторанди од трите универзитети, соработка која ќе продолжи и во иднина низ заедничките проекти на Центарот за напредни и постдокторски студии на УКИМ во Скопје.





