Покрај керамика археолозите откриле и повеќе метални наоди и артефакти од камен, бронзен накит, малку зооархеолошки материјал
Бројна кујнска и керамика за складирање, а поретко трпезна керамика открија подводните археолози во куќа што ја истражуваа палафитната населба на локалитетот Врбник кај Струга од 7 и 6 век пред новата ера, соопшти Археолошкиот музеј во Скопје. Покрај керамика археолозите откриле и повеќе метални наоди и артефакти од камен, бронзен накит, малку зооархеолошки материјал. Тие земале и примероци од дрвените колци за дендрохронолошка анализа.
Истражувањата се одвиваа од 10 август до 10 септември. Со проектот раководеше м-р Валентина Тодороска – подводен археолог и д-р Александра Папазовска, археолог – кораководител.
Археолошкиот локалитет Врбник е евидентиран уште во 80-тите години на минатиот век од локалното население од Струга, а археолозите почнале да го истражуваат уште во 1998 година. Првите подводни истражувања ги водело археолошкото одделение во Музејот на Македонија во соработка со Народниот музеј д-р Никола Незлобински од Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Република Македонија, под раководство на археологот Воислав Санев. Од 2001 година до денес, истражувањата со мали прекини истражувањата ги водеше струшкиот Музеј, а во последните три години – Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на Тодороска.
– Година продолживме со истражувачкиот проект „Подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања и обука на локалитетот Врбник“ како континуитет на минатогодишната кампања. Продолживме со истражувања на нов простор северно од постоечката мрежа. Беше изваден движниот материјал кој се состоеше од бројна кујнска и складишна керамика, а поретко трпезна керамика. Откривме метални наоди (ножиња, врв од копје, срп, секира и други метални предмети), наоди од камен (толчници и фрагменти од мелници, и една камена секира), бронзен накит (фибула и двојни игли), малку зооархеолошки материјал. Зедовме примероци од 22 дрвени колци за дендрохронолошка анализа – велат од Археолошкиот музеј.
Археолозуте ја утврдиле и позиционирана местоположбата на колците од палафитната населба. Претходно била направена подготовка за таа активност што вклучува изработка на целосен план на досега истражени делови од локалитетот во дигитална форма. За таа цел направена е ревизија на досегашните планови, постоечките колци со мапирање, фотографирање, прибирање податоци и документација на локалитетот.
Проектот заврши со презентација и краток видеофилм од истражувањата од оваа година на Интернационалниот подводен филмски фестивал кој се одржа од 7 до 10 септември во „Скаут“ – Струга, во организација на Скаут кампот, каде учествуваа и подводни истражувачи од Србија и од Хрватска.
Покрај Тодорска и Папазовска во годинашните истражувања учествуваа археолозите Цветлана Василевска, м-р Александра Чевреска и Никола Хаџи-Николов, подводните археолози Бојан Танески и д-р Орданче Петров, Влатко Василевски, фотограф и нуркачкиот тим: Димитар Стојаноски, Никола Кукунеш, Цветко Мариноски, Слободан Рајковски, Александар Ацев, Тони Василевски, Драги Цветковски, Никола Мартиноски, Јасмина Антиќ и Јоска Динев.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, Заводот и музеј од Охрид, Музејот од Струга, Скаут кампот и здружението Норкач од Струга и од Александар Ацев кој го изработи краткиот документарен филм за годинашните истражувања.
Фото: Археолошки музеј