Археолози ги истражуваат културните контакти во пограничната област на Античка Македонија

Направени се и геофизички неинвазивни истражувања на неколку локалитети за да се утврди нивниот карактер и евентуално да се откријат некои позначајни подземни архитектонски структури

Македонски и полски археолози ги истражуваат идентитетите и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија. Проектот „Погранични студии. Истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија“ (Frontier Studies. Investigation into Identity and Cultural Contacts in the Border Area of Ancient Macedonia) е комплексно научно истражување кое годинава етапно ќе се спроведува на повеќе различни локации, со различни пристапи и модерни истражувачки методи.

Раководители на проектот се археолозите м-р Перо Арџанлиев и д-р Марек Верчик. Целта е да се направи микрорегионална студија и опфаќа долг хронолошки период, со посебен акцент на 1. милениум п.н.е. Научниците ќе се обидат да одговорат на прашањата поврзани со изградбата на идентитетите, појавата на прото-државните структури и феномените на централизацијата во северната контакт зона на егејското и централно Балканското културно коине.

– Годинава во рамките на проектот се спроведуваат геолошки истражувања на Мало и Големо Езеро во Националниот парк „Пелистер“ за да се добие детален климатски и еколошки запис за широкиот регион во последните десет милениуми. Очекуваме земените геолошки примероци да обезбедат одличен запис со висока резолуција за промените во животната средина и човековите активности во широкиот регион во последните десет милениуми – велат археолозите.

Археогеолошки истражувања се спроведени и северно од Охридското езеро за да се утврди водостојот на езерото во различни хронолошки периоди и со тоа да се реконструира културниот пејсаж и да се види како климатските промени влијаеле на животот во регионот.

Направени се и геофизички неинвазивни истражувања на неколку локалитети за да се утврди нивниот карактер и евентуално да се откријат некои позначајни подземни архитектонски структури. Спроведено е и сондажно археолошко истражување на локалитетот „Горица“ кај селото Лескоец за да се утврди организацијата на населбите во регионот со посебен акцент на транзицискиот период од бронзеното во железното време. Во рамките на проектот спроведени се и архитектонско и епиграфско рекогносцирање за опсежно истражување и преглед на познати архитектонски остатоци (цркви, џамии итн.) во регионот.

 

Проектот е резултат на соработката на Археолошки музеј од земјава и Карловиот универзитет од Прага. Партнери во реализација на проектот се Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, чешкиот Геолошки сервис од Прага, Германскиот археолошки институт, Универзитетот Гете од Франкфурт и Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице.

Фото: Археолошки музеј

Сподели