Апел на „Аудиција СЕГА!“ до директорите на театрите и центрите за култура

Членовите на иницијативата „Аудиција СЕГА!“ упатија јавен апел до директорите на националните установи – центри за култура и театри во кој бараат поголема транспарентност при вработувањата во институциите, како и ангажирање на најмалку еден невработен актер во проекти.

Иницијативата на повеќе од 120 невработени театарски работници (актери, режисери, драматурзи и продуценти) реагира дека на неколку јавни огласи вработувања во неколку национални установи никако не сведочеле за целосно транспарентно споделување на огласите.

-Секоја национална установа треба да ги објавува повиците/конкурсите на својата веб-страница. Свесни сме дека дел од установите воопшто немаат или пак, имаат нефункционални и нередовно ажурирани веб-страници. Бараме, во најкус можен рок да креирате и/или да ги ажурирате веб страните на Вашите институции. Живееме во 21 век и придобивките од технологијата, како и од електронските медиуми треба максимално да бидат искористени – велат од „Аудиција СЕГА!“

Со оглед на тоа што веќе се појавија отворени повици за режисерски предлог-проекти за годишните програми за 2023 година, Министерството ги разгледува предлог-образецот за нацрт-годишна програма и предлог-образецот за професионална претстава коишто ние, како иницијатива, ги доставивме до правната служба на министерството пред месец дена, велат од иницијативата.

– Овие предлог-обрасци треба да содржат нови критериуми и приоритети за програмите на вашите институции. Од вас, како поднесувачи на предлог-програмите, бараме да ги испочитувате новитетите во документацијата со цел и ние, како невработени, да добиеме можност за поголема присутност и ангажман во институциите. На македонскиот театар му се потребни разноликост, нова енергија и нови имиња на театарџии.

Тие бараат навремено да се изготви систематизација на работните места врз основа на прецизно изработени функционални анализи

– Во многу институции, голем дел од повозрасните колеги се пензионираат, а постојат и колеги кои со години не стапнале на сцена од најразлични причини, дел не по своја вина. Од центрите за култура и/или театрите коишто немаат вработени режисери, драматурзи и продуценти, бараме да ја поднесат потребната документација во предвидените рокови за, од следната година, да започне предвидувањето и отворањето на работни места за овие невработени театарски кадри. Меѓу другото, отворање на работни позиции за режисери и драматурзи се нема случено од 2014 година – стои во писмото.

Револтирани театарски уметници бараат сериозно да започне да се применува склучувањето договор на дело и ангажирање на театарски работници по тој принцип, односно центрите за култура и театрите да пресметаат и побараат средства во материјалните трошоци од своите годишни нацрт-програми и да ги предвидат ваквите ангажмани.

-Имајќи предвид дека во периодов што претстои, од државните и приватните академии кај нас ќе дипломираат нови кадри, нашата бројка од 124 невработени и/или невработени по струка театарски работници значително ќе се зголеми. Од вас, како директор(к)и на националните установи – центри за култура и театри, бараме соработка, транспарентно и отчетно работење, како и солидарност со своите невработени колеги, кои се уште ги трпат последиците од пандемијата поради својот работен статус. Промената во самите институциите треба да ја започнете вие – велат тие.

Сподели