„Антево перо“ за Јулијана Младеновска Тешија за збирката „Куќа“

Јулијана Младеновска Тешија за стихозбирката „Куќа“ ја доби наградата „Антево перо“ за 2022 година. Одлуката ја донесе жирито во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови).

-„Врата. Влезете“, ни вели поетесата и зачекоруваме во „Куќа(та)“ на Јулијана Младеновска Тешија. Стиховите што нè пресретнуваат ни посакуваат светло и весело добредојде. Ова е особено интересна и длабоко восхитувачка поезија која уште од првиот допир со неа нè внесува во некоја нова димензија од секојдневното, но и посебното, интимното, скриеното, личното. Преку графичките интервенции во текстот, поетесата става акцент и го насочува вниманието кон оние нешта што нејзе ù се важни, но во исто време, не го занемарува и останатиот текст. Оваа поезија во исто време има збор, музика, слика и танцува во ритам кој е надополнет со интертекстуално вклопените модерни музички парчиња. Токму со тоа, оваа поезија изобилува со фигуративна експресија која навлегува во сопствената, лична димензија на читателот и се меша со емоциите што ги предизвикува. Конечно, авторката многу мудро и многу интуитивно ја избрала куќата за да ја покаже повеќезначноста на тој поим. Со тоа суптилно се доближува до Антевата куќа, која, иако овде е прикажана на многу помодерен и поразличен начин, во основа е синоним за телото, домот, земјата и татковината. На тој начин оваа поезија се карактеризира со врвни естетски вредности и претставува поетски идиом на македонскиот јазик.“ – вели жирито во образложението кон наградата.

Збирката на Младеновска Тешија беше во тесна конкуренција со уште четири други – Славица Гаџовска Свидерска „Golgotha Feminarum“, Шифра Имануел „Умоверзум“, Тања Павлеска „Созборка“ и Виолета Танчева Златева „Глуво време“.

Комисијата, исто така, реши да додели и две награди „Антев златник“, за Виолета Танчева Златева за стихозбирката „Глуво време“ и Славица Гаџовска Свидерска – за стихозбирката „Golgotha Feminarum“.

Виолета Танчева Златева е веќе докажана и афирмирана поетеса која и со оваа збирка поезија го потврдува своето мајсторство во зборот. Преку јасниот и прецизен стил, Танчева Златева создава поетски светови кои директно и индиректно комуницираат со реалното и секојдневното, но и со скриеното и фигуративното. Притоа, таа креира поетска реалност во која метафоричноста луцидно се прекршува и менува со директно кажаната реалност на светот кој нѐ опкружува. Силата на оваа поезија е во едноставниот стил кој ги буди сетилата и во истиот момент провоцира реакција кај читателот со што не остава можност за негова рамнодушност.

„Golgotha Feminarum“ на Славица Гаџова Свидерска преставува поетска збирка која е своевиден храм на жената и женската мака. Песните во оваа збирка се гласен женски крик, кој извира од длабочината на тешките судбини на жените. Тие се гласен потсетник за тегобноста и мачноста на женската душа, но и за предрасудите, стигмата и бесчувствителноста на општеството. Со едноставниот поетски израз, Гаџова Свидерска соопштува важни вистини кои заслужуваат да бидат чуени.

Конечно, Жирито дискутираше и за трите стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик: Софија Тодороска „Контури“, Матеја Богдан „Посветено“ и Рената Пенчова „Точки во бескрајот“. Наградата ја доби Рената Пенчова за „Точки во бескрајот“.

Поетската збирка „Точки во бескрајот“ на младата поетеса Рената Пенчова претставува вистинско освежување во македонската поетска мисла. Нејзиниот зрел и јасен стил изобилува со умерена фигуративност што придонесува оваа поезија да се карактетеризира со одлични естетски квалитети кои по стилот и обработените теми се доближуваат до поетиката на великанот Анте Поповски.

 

Сподели