„Антево перо“ за Александар Русјаков, „Антев часовник“ за Светла Јакшиќ

Александар Русјаков за стихозбирката „50 испеани приказни“ ја доби наградата „Антево Перо“ за 2023 година што ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски. Наградата „Антев часовник“ што се доделува за откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик ја доби поетесата Светла Јакшиќ за стихозбирката „Ноќен суфлер“. Наградите ги додели жирито во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Тие одлучија да доделат и две награди „Антев златник“ – на Милена Сиљаноска за стихозбирката „Болопадание“ и на Александра Спасеска за „Координати на болката“.

– Поетската збирка „50 испеани приказни“ на мултиталентираниот Александар Русјаков нуди поинаква поетика што нѐ пречекува уште на самиот почеток кога ја восприемаме преку формата. Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста – пишува жирито во образложението.

Според нив, „Ноќен суфлер“ на Светла Јакшиќ е една нова светлина меѓу младите македонски поети, која со својата младешка свежина на поетскиот израз никого не остава рамнодушен.

– Песните од оваа збирка понекогаш личат на врамени уметнички фотографии во различни техники и бои, а понекогаш се уметнички слики на кои може да се види и самиот процес на создавање – вели комисијата.

Тие додаваат дека поезијата на Милена Сиљаноска со новоискован наслов „Болопадание“, претставува освежување во македонската книжевност. Песните со својата баладичност и лиричност промовираат поетски тон на топла меланхолија. Во „Координати на болката“, пак, Александра Спасеска претставува кратки и јасни стихови во модерен манир кои имаат традиционален призвук и оддаваат почит на македонските поети и нивната поезија.

На конкурсот годинава пристигнале 73 стихозбирки со различен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост.

Сподели