Анна Кондратенко и Ева Богоевска вечерва ќе настапат со Филхармонијата

Виолинистките Анна Кондратенко и Ева Богоевска ќе настапат вечерва во 20 часот со оркестарот на Филхармонијата на концертот со наслов „Контемплација со Перт и Шнитке”. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се Кончерто гросо бр.1 од А.Шнитке, Трисагион од А.Перт и „Малата Данелиада” од Г.Канчели.

Анна Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на 4 години. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О.Марченко и на А.Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајсторна стапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата во Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар во Мичиген, САД, Класичната филхармонија во Бон, Германија и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мајстер-курсеви и фестивали, меѓу кои, Mozarteum (Austria), Holzhausen Musiktagen (Germany) и др.

Таа е победник на многубројни руски и меѓународни натпревари, меѓу кои се Ерденко и Мравински во Русија и Ј.Ниман во Германија. Пред две години го основа квартетот „Филхармонија” од членови на оркестарот на Македонската филхармонија со кои има настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно, работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.’S Project во Скопје.

Ева Богоевска е родена 1999 година во Скопје. Почнува да изучува виолина на 7 години во класата на проф. Анна Кондратенко. Уште во почетоците на нејзината музичка кариера, победува на меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери” и добива покана за два концерта во Братислава, Словачка. На 16-годишна возраст се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како најмлад студент во државата, на отсекот за виолина во класата на проф.Олег Кондратенко и во 2020 година дипломира со највисок просек – 10. Добитник е на многу државни и меѓународни награди, меѓу кои позначајни се: прва награда на фестивалот „Сан Ремо јуниор” во Италија во 2012 година, потоа луреат од прв степен на реномираниот меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран-при на Меѓународниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк каде што како првонаградена реализира концертен настап во „Карнеги хол“.

Сподели