Има ли поголем момент за еден професор кога неговиот најдобар некогашен ученик ќе застане до него рамо до рамо на сцена и заедно ќе создадат магија? Несомнено, Анна Кондратенко ќе го памети концертот со наслов „Контемплација со Шнитке и Перт“, што го остварија заедно со Ева Богоевска, синоќа на сцената на Македонската филхармонија.

Ева Богоевска е чудото од дете на виолона кај нас – најмладата дипломирана студентка кај нас, која се запиша на Факултетот за музичка уметност на само 16 години.

Концертот го диригираше Емил Табаков од Бугарија, а беа изведени дела од Алфред Шнитке, Арво Перт и од Гија Канчели. Воопшто неедноставна програма, која буквално нè водеше од нежна лирика кон строга и мрачна тематика, посебно во изведбата на Кончерто гросо бр. 1.

Кондратенко и Богоевска владееја со сцената, а нивен рамноправен партнер беше оркестарот на Филхармонијата. Со своите инструменти водеа постојан дијалог.

Естонскиот композитор Арво Перт е секогаш празник да се изведува, посебно што неговата духовна музика барам посебен контекст, посебна атмосфера и публика. Овојпат ја чувме Трисагион за гудачки орестар, дело инспирирано од молитва од православна литургија.

Кулминацијата концертот ја достигна со изведбата на композицијата „Малата Данелиада“ на легендарниот грузиски композитор Гија Канчели. Каква што знае да биде љубовта (делото е посветено на негови двајца пријатели), такво беше и делото – суптилно и турбулентно.

Оркестарот на Филхармонијата дефинитивно ни ветува сезона што треба будно да се проследи. За наредниот четврток во најава е концертот „Зимски соништа“, што ќе го диригира Конрад ван Алфен од Холандија, со солистот Тимоти Ридаут од В.Британија, кој ќе настапи на виола.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.