Ангела Неновска, САБА: Желбата за квалитетно образование ги надминува сите предизвици

Најзадоволни сме кога ќе ги видиме нашите ученици кои сме ги образовале, но и пораснале во САБА во текот на нивните тинејџерски години, како денес се успешни на факултетите каде студираат, или во светот на бизнисот каде што работат – вели Неновска.

Нашето мото како училиште е учениците да уживаат во секој час поминат на училиште. А тоа значи дека во САБА имаме пријатна атмосфера за учење и напредување и секој професор се труди да посвети подеднакво внимание на секој ученик. Со самото тоа и доаѓаат успесите. Покрај редовната настава учениците се поттикнуваат да учествуваат на разни натпревари, обуки, манифестации каде што понекогаш не е само натпреварувачкиот дел во прашање, туку и стекнување нови искуства и знаења, запознавање нови луѓе, стекнување животни вештини и осамостојување – вели Ангела Неновска-Крстевска, координатор на Приватното средно училиште САБА од Скопје. Шеснаесетта година ова училиште може да се пофали со голем успех, со ученици кои по завршувањето на средното образование се успешни студенти, но и учеснци во бизнис-заедницата во земјата.

16-та година ја градите приказната на Приватното средно училиште САБА. Беше ли голем предизвик да се стигне до тука? Задоволни ли сте каде денес се наоѓате?

– Приватното средно училиште САБА постои веќе 16 години во Скопје. Училиштето САБА е основано во 2007 година во Скопје. Од 2008 има своја подружница во Битола, а од 2014 и во Штип. САБА е средно стручно училиште каде што учениците може да одберат да учат на една од четирите насоки: бизнис, право, информатика и туризам.
САБА нуди еден различен модел на образование каде ученикот се концентрира на насоката која сака да ја учи. Секој ученик во САБА во рамките на насоката која ќе ја одбере, ги учи само оние стручни предмети кои се потребни за таа насока. Така на пример, ако некој ученик сака да учи правна насока, се концентрира на стручни предмети од областа на правото, како Трговско право, Казнено право, Право на ЕУ и сл. Учениците пак кои учат на бизнис насока учат маркетинг, претприемништво, меѓународен бизнис и тн. Ученици на насока информатика учат најсовремени предмети од областа на информатичката технологија, како графички и веб дизајн, програмирање, роботика, 3Д печатење и сл.

Исто така секој ученик во текот на средното образование во САБА има практична настава во реални компании согласно насоката која ја учи. Учениците од бизнис насока одат на пракса во маркетинг агенции, осигурителни компании, туристички агенции, учениците од правна насока кај нотари, извршители и адвокати, учениците од информатика во програмерски компании, дизајн студија и тн.

Предизвици низ годините имало многу, но желбата да им пoнудиме квалитетно образование на младите во Македонија е секогаш на прво место и таа ги надминува сите предизвици. Најзадоволни сме кога ќе ги видиме нашите ученици кои сме ги образовале, но и пораснале во САБА во текот на нивните тинејџерски години, како денес се успешни на факултетите каде студираат, или во светот на бизнисот каде што работат.

Многу редовно сте и дел од проекти од програмата Еразмус плус. Какви се вашите искуства во последните неколку години? Какви придобивки имаат учениците, а и наставниците?

– Повеќе од 10 години сме активни во разни проекти од Еразмус програмата преку кои многу наши ученици и професори се надградиле на обуки во странство.
Секоја учебна година преку Еразмус програмата испраќаме ученици на пракса во некоја европска држава. Во текот на изминативе години испративме многу групи ученици од САБА на пракса во Германија, Италија, Шпанија, Шведска. Таму учениците поминуваат по две недели и работат во светски компании во кои се запознаваат со стручни лица и имаат можност да го применат знаењето кое го стекнале во училиште. Како најинтересни за учениците би ги спомнала праксите во автомобилските компании BMW и Porsche во Лајпциг, Германија и Seat во Барселона, Шпанија.
Исто така, секоја учебна година праќаме професори од САБА на обуки во некои европски центри за образование, на теми како нови методи во наставата, ИТ алатки за настава, креативно учење и тн. Овие обуки, на кои освен тоа што се стекнуваат нови знаења, се разменуваат и искуства со професори од училишта од цела Европа, се навистина од големо значење како за нашите професори, така и за целото училиште.

Какви се впечатоците на учениците и наставниците што доаѓаат возвратно во посета на вашето училиште?

– Искрено презадоволни сме што има толку голем интерес од средни училишта од цела Европа да нè посетат и да научат нешто од нас. Тоа за нас значи дека нашиот квалитетен и иновативен пристап во учењето е препознаен не само во Македонија, туку и надвор. Среќни сме што можеме да споделуваме искуства со колеги од цела Европа. Посетувајки ја САБА овие ученици и професори се запознаваат и со Македонија, Скопје, Охрид, Битола и сите наши традиции и убавини.

Во текот на изминативе 2-3 години има навистина голем интерес од училишта од цела Европа кои сакаат да ги испратат нивните ученици и наставници на обуки во САБА. Само во второто полугодие од оваа учебна година имаме повеќе од 50 наставици и 150 ученици од училишта од Италија, Литванија, Шпанија, Романија, Турција, Кипар. Учениците од странство кои доаѓаат во САБА ги вклучуваме во редовната настава со тоа што заедно со нашите ученици ги следат часовите, а исто така имаат и работилници од разни области: ит алатки за учење, спречување на булинг, design thinking и ikigai методологија за учење и тн. Од друга страна, наставниците доаѓаат на еднонеделни обуки во САБА на кои учат за нови методи за настава кои се применуваат во САБА, ИТ алатки во наставата, креативност во учењето и се запознавааат во нашиот начин на работа со цел да применат дел од тоа во нивните училишта.

Успешни ученици се дел од вашето училиште. Колку обрнувате внимание на нивна поддршка, да ги мотивирате да учествуваат на меѓународни натпреварувања, манифестации, настани?

– Нашето мото како училиште е учениците да уживаат во секој час поминат на училиште. А тоа значи дека во САБА имаме пријатна атмосфера за учење и напредување и секој професор се труди да посвети подеднакво внимание на секој ученик. Со самото тоа и доаѓаат успесите. Покрај редовната настава учениците се поттикнуваат да учествуваат на разни натпревари, обуки, манифестации каде што понекогаш не е само натпреварувачкиот дел во прашање, туку и стекнување нови искуства и знаења, запознавање нови луѓе, стекнување животни вештини и осамостојување. Навистина ми е мило што учениците секогаш имаат интерес да се вклучат во нешто ново, да истражуваат, да иновираат, а преку тоа да учат и да напредуваат.
Ова се само дел од активностите од областа на неформалното образование во кои беа вклучени нашите ученици во текот на оваа учебна година: конференција за финансиска писменост за млади, обука за виртуелна реалност, обука за креирање проекти и проектен циклус, врсничка школа за ментално здравје на млади, дигитално образование, обука за социјално претприемништво и тн. Сите овие се организирани од наши соработници, невладини организации, факултети и други институции.

Ковид-пандемијата беше предизвик за сите нас, а особено и за реализацијата на образовниот процес. Како вие се справивте со неа и наставата?

-Да многу училишта, посебно државните, имаа потешкотии со спроведување на наставата. Ние како приватно училиште имавме онлајн настава само во првите три месеци од почетокот на пандемијата (март-јуни 2020). Веќе од септември 2020 година кога сите други училишта беа онлајн, ние се преорганизиравме со цел работење во многу мали групи од 7-8 ученици, каде сите мерки за заштита беа применети. Многу добро знаеме сите колку може да им се задржи вниманието и интересот на ученици кога професорот не е пред нив. Затоа наставата си продолжи во нашето училиште со малку поинаков распоред, но сепак доволно добро и безбедно за сите ученици да ги следат часовите во училница. Секако, оваа наша одлука во тоа време беше одобрена од Министерството за образование.

Каде се гледате во наредните 10-ина години? Која е визијата за вашето училиште?

-Тука во Македонија, во Скопје, Битола, Штип, а можеби и уште некој друг град во Македонија. Предизвици во образовниот процес секогаш имало и ќе има, бидејќи образованието е еден процес кој постојано се менува. Начинот на кој предавале нашите професори пред 10 години и денес е сосема различен. Исто е и со материјалот. Математиката можеби е иста, но бизнисот, технологијата, маркетингот….тоа се области кои посебно во последните години многу брзо се менуваат, па согласно тоа и материјалот кој им го пренесуваме на нашите ученици мора да се менува. Но, образованието во САБА не е само учење. Образованието е многу повеќе од наставна програма. Затоа САБА и во наредните години ќе продолжи да ги образува, но и да ја поттикнува самодовербата кај учениците, нивниот дух за тимска работа, сила и мудрост кои се неопходно потребни во животот. Во САБА секогаш ќе бидат добродојдени ученците кои сакаат да напредуваат и да се изградат во вистински личости и професионалци. И во следните 10-15, па и 50 години очекуваме да создадеме успешни генерации кои ќе бидат гордост на САБА, но и гордост за Македонија.

Сподели