Андреј Волкашин го снима својот долгометражен дебитантски филм во околината на Демир Капија и Гевгелија

На живописни локации во општините Гевгелија и Демир Капија, режисерот Андреј Волкашин го снима својот дебитански долгометражен игран филм со сегашен наслов „Слатката горчина на зрелите калинки”, соопштија од продукцијата „Веда филм“ од Скопје. Филмот е меѓународна копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Бугарија, со поддршка од Холандија и „Еуримаж“. Филмот ќе се снима до крајот на месецов.

– Филмот ја следи приказната на Дора, која се осмелува да се препушти на сопствената природа и да ги оспори границите на општеството обликувано од патријархалното и традиционалното – вели продуцентката Елена Станишева.

Улогите ги толкуваат: Зорица Нушева, Лео Поповиќ, Ана Костовска и Јана Никодиновска. Ова е едниствениот македонски филм развиван во рамките на најпрестижната европска програма Torino Film Lab (Script Lab 2019). Филмот е награден со прва награда меѓу сите алумни на Torino Film Lab во период од 2018 до 2022 година, од најголемите „Нетфликс“ студија во Холандија кои ќе ја работат постпродукцијата на филмот.

Сценариото е на Андреј Волкашин, директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата на Бојана Бачварова и Влатко Чачоровски, костимограф Илина Чолак, маска и шминка Симона Ристевска и кастинг директор Киријана А. Николовска.

Продуцентка на филмот е Елена Станишева, а копродуценти Павлина Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниврана. Филмот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм и националните фондови на земјите копродуценти на филмот.

Сподели