Максимата на Новосадско позориште е обратна од времето, тие решија да прават големи дела и големи претстави и со тој донкихотовски подвиг да се борат со прашањето: „Дали е важен театарот во ова време“? Се надевам дека што побрзо ќе го сфатиме тоа во Македонија, вели режисерот Цветановски

На сцената на Новосадското позориште вечерва ќе се случи првата премиера во рамките на големата културна манифестација Нови Сад – Европска престолнина на културата. Режисер на претставата „Идиот“, според капиталното дело на Достоевски, е нашиот режисер Андреј Цветановски. „Ако на крајот од претставата секој гледач почувствува потреба да стане барем малку подобар човек, тогаш сме ја завршиле својата работа и сме направиле успешна претстава“, вели тој.

„Идиот“ е голем предизвик за секој режисер. Како Ви се случи изборот и беше ли голем залак, посебно што го работите на сцена надвор од Македонија?

– Освен што е една од најголемите цивилизациски придобивки и воопшто меѓу делата на Достоевски, „Идиот“ се провејува некако низ мојот живот. На мојата мајка ѝ е омилен роман, на брат ми Дамјан – омилен лик и кога почнаа преговорите и се спомна тој наслов, го сфатив како судбина. Огромен предизвик беше судирот со оваа епска приказна за бескрајната љубов на Мишкин кон човештвото. Голема е честа да соработувам со еден од најинтересните ансамбли на Балканот и низ овој огромен процес да излезам побогат со прекрасни искуства во работата со нив.

„Идиот“ обединува многу актери, голема екипа. Каков е Вашиот пристап кон ова капитално дело?

– „Идиот“ претставува ансамбл-претстава и во неа играат 22 актери, уште толку луѓе работат позади сцената. Ова е досега најмасовна претстава што сум ја работел. Но, низ овие два и пол месеци, со сите предизвици низ кои мора да се помине кога се создава толку огромно дело, се чувствував навистина среќен и исполнет и бескрајно радосен што имав можност да најдам нови соборци и истомисленици во театарот. Она што нè интересираше од овој прекрасен роман беше контрастот од темно во светло и идејата на Достоевски дека за да стасаш до доброто мора да преживееш низ страдањата и маките, и низ сите тие товари кои што ги износува Мишкин кои секој од ликовите му ги остава како крст кој треба да го носи. Ако на крајот од претставата секој гледач почувствува потреба да стане барем малку подобар човек, тогаш сметам дека сме ја завршиле својата работа и сме направиле успешна претстава.

Како е да се работи во Србија? Дали колегите од соседната земја работат поразлично од кај нас? 

– Работите се слични како и кај нас во однос на сите работи кои ги чини еден театарски систем, со една круцијална разлика, овде се случуваат битни театарски продукции дури и во ова време. Максимата на Новосадско позориште е обратна од времето, тие решија да прават големи дела и големи претстави и со тој донкихотовски подвиг да се борат со прашањето: „Дали е важен театарот во ова време“? Се надевам дека што побрзо ќе го сфатиме тоа во Македонија и ќе почнеме да се бориме со ова време најдобро што знаеме, а тоа е со дела.

Освен актерската екипа, која е од ансамблот на Новосадско позориште, Вашите соработници во сценографијата, костимографијата се наши уметници. Каков беше заедничкиот пат до новото дело?

– Соработката на македонски уметници со Новосадско позориште продолжува да се развива и продлабочува. После Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, преку Александар Поповски, како и Дејан Пројковски кој ја создаде „Ана Каренина“, која има преку 20 награди во овие три години, дојдовме и до нашата соработка, со мене и мојот тим. Сергеј Светозарев создаде импозантно поле за игра во која се случува дејствието, Благој Мицевски, со кого прв пат соработувам во театар, даде епска димензија на овој огромен потфат и се надевам на уште многу соработки и Димитар Андоновски кој ја наслика лириката и носталгијата на Мишкин наспроти општеството. Со сите нив имавме исклучително креативен процес и низ соработката со нив и со ансамблот стигнавме до претстава што мислам дека публиката ќе сака да ја гледа.

Што после „Идиот“? Дали имате некој план за работа во Македонија?

– Како и сите театарџии ја чекаме долгоочекуваната програма од Министерство за култура за да видиме што ќе работиме следната година, а во меѓувреме со сигурност ме очекуваат наредни проекти во Србија, кои би требало да се остварат во наредните две години. Она што можам да го кажам со сигурност е дека со сите свои сили и можности ќе се обидам да бидам во креативен процес за во тоа бегство да го најдам својот мир од оваа мрачна и болна реалност.

Фотографии: Сергеј Светозарев

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.