Андреа Бојковска: Од магистер по архитектура во Милано, до илустратор во Љубљана

Tинејџерка што цртала графити во родното Куманово, а магистрирала архитектура на „Политекнико“ во Милано денес живее во Љубљана и професионално се насочува кон првата љубов – илустрацијата

Не се сеќава кој од нејзините прв ѝ дал боички в рака, но црта откако знае за себеси. Кариерниот пат на Андреа Бојковска (28) веројатно е доказ дека тоа што тлее во тебе, кога-тогаш ќе излезе на површината, како што водата секогаш си го наоѓа патот. Тинејџерка што цртала графити во родното Куманово, а магистрирала архитектура на „Политекнико“ во Милано денес живее во Љубљана и професионално се насочува кон првата љубов – илустрацијата.

– Не се сеќавам кој од семејството прв ми даде фломастери и боици. Веројанто сум досадувала со бескрајни прашања, па тоа било начин да ме окупираат со нешто друго. И тогаш го открив цртањето, и за мене беше нешто најинтересено, бидејќи со секој цртеж креирав нови светови и приказни. Се сеќавам како ги терав и останатите деца од улица да седиме да цртаме, но ретко кој сакаше – ја почнува Андреа својата приказна.

Андреа Бојковска

Смета дека за нејзината љубов кон цртањето од рана возраст придонеле нејзините блиски. Татко ѝ ѝ цртал вестерн-каубои, тетка ѝ гордо врамувала многу од нејзините најрани дела и ги закачувала на ѕид. Кога ќе отидела на работа кај другата тетка секогаш играле интересна игра: еден треба да нацрта глава на човек или животно и да го свитка листот на половина, за другиот да не види, па само преку цртките што го претставуваат вратот да измисли тело. И излегуваат интересни карактери – човечка глава и тело на патка.

– Ако ги барам корените од каде потекнала мојата љубов кон илустрацијата, најверојатно лежат баш тука, во оваа игра што претставува еден вид концептуална илустрација – вели Бојковска.

Низ смеа се сеќава на нејзината „млада бунтовничка“ фаза. Иако во тоа време било само возбудлива авантура, да се прави нешто што не го прави секој, што е забрането, графити и мурали би правела повторно.

– Посебно чувство е да се изразиш на многу поголем размер отколку на хартија (или таблет), бидејќи воедно е и перформанс – кој било може да застане да те гледа, што дополнително претставува предизвик на оние што се навикнати да работат сами. Спрејови за графити набавував во Скопје, во Кисела Вода, бидејќи немаше во Куманово. Кога моите беа на пат, среде ноќ на точак се искрадував додека спиеа баба и дедо, за да се собереме и цртаме графити – раскажува таа.

Долко време се двоумела дали формалното образование да го продолжи на Архитектонскиот факултет во Скопје или на Факултетот за ликовна уметност. Се решила за архитектура, бидејќи сите околу неа ја советувале да ја избере „побезбедната“ варијанта, а во слободно време секогаш може да се црта.

– Да знаев дека постои илустрацијата како насока на факултетите и како професија, можеби друг би бил изборот – вели Андреа.

Факултетот и студентскиот живот во Скопје го опишува како период на константно непроспиени ноќи поради учење, љубовни нервози или клубови. Колку бурен, толку и важен период, со стекнати пријателства за цел живот.

– Милано беше нешто друго. Можеби од самиот факултет беше поважна самостојноста која се стекнува кога си надвор од позната средина и комфор-зона. После извесен период работење во струката (кај нас), можам да заклучам дека и „Политекнико“, како и факултетот кај нас имаат сличната мана – недостиг на практично знаење – објаснува таа.

Живеењето во Милано не ја насочило многу во тоа што работи денес. Барем не директно. Таму цртала рекреативно, работела по малку и графички дизајн кој повторно ѝ тежнеел кон цртање.

– Креирав илустрации, несвесна дека постои илустрацијата како поим и како начин на заработување. Тоа го осознав подоцна. Кога случајно (или неслучајно – ако веруваме дека ништо не е случајно што ни се случува), дознав дека постои професија илустратор, слушајќи подкасти. И како да добив одговор на прашањето што ме мачеше долго време – што сакам да бидам кога ќе пораснам 🙂 Тоа беше кон крајот на 2019 година. На почеток на 2020 го добив својот прв long term клиент – вели Андреа.

Што сè работи еден илустратор и какви се можностите на пазарот?

– Можностите се огромни – речиси за секој тип на проект од амбалажа на каков било тип на продукт, покани и/или постери за настани, корици за книги и внатрешни илустрации, едиторијал илустрација односно илустрација за магазини и весници, илустрации за бренд, веб-страници и социјални медиуми, илустрации за маркетинг кампањи, илустрации на облека, па сè до мурали во градинки, училишта, аеродроми, канцеларии, итн. – објаснува Андреа.

Според неа, за да се работи како илустратор најчесто нема потреба од официјална диплома или курс, но (до)оформувањето како илустратор е константен процес. И не вклучува само подобрување на техника, подобро цртање и учење нов софтвер, туку многу побитно – откривање на себеси и на својот глас. Што имаш ти да кажеш со илустрацијата? Која е твојата мисија?

– Како личност, ако не креирам нешто ново неколку дена, се чувствувам празно. Архитектурата и графичкиот дизајн имаат многу правила и повторувања во креирањето за мој вкус. Илустрацијата е секогаш уникатна и мислам дека тоа е тоа што ме привлече. Мојата илустрација е концептуална. Почесто метафорична отколку буквална, предизвик ми е симболично да раскажам приказна со цртеж. Стилот може да го опишам како импулсивен, со впечатливи бои и повеќе фокус на поентата отколку на потезите. А гласот (темата) е самозапознавањето. Сè уште го откривам, но ако ретроспективно ги погледнам моите дела, често опфаќаат теми од областа на менталното здравје, работи кои многу од нас ги чувствуваат, а избегнуваат да зборуваат за нив – објаснува Бојковска.

На прашањето колку може да се заработи и да се живее од оваа професија, Андреа вели:

– Ако истраеш во долгиот, спориот, често осамен процес на градење на оваа кариера, и ако го пронајдеш својот глас – може одлично да се заработува. Проблемот е што на овие простори има малку познавање за самата илустрација како професија и кои се нејзините можности и предности. Да има едукација, потенцијалните клиенти би биле повеќе информирани и би барале повеќе илустратори.

За да се заработува, треба да се стигне до добри клиенти, а да се постигне тоа треба да се помине сиот процес на создревање, себеоткривање, а тука е и промоцијата. Андреа сè уште не знае каде сака да се види себеси за десетина години. Вели дека прашања за иднината ѝ создаваат анксиозност, повеќе сака да живее во моментот.

– Веројатно повеќе Словенија отколку Македонија, но побитно ми е да си изградам кариера со флексибилно работно место па да може секаде да сум по малку – завршува Бојковска.

Портфолиото на Андреа може да го погледнете ТУКА. 

Фото: Ирина Добринина