Ана Стојаноска e член на жирито на официјалната програма на МЕСС

Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“, на 63. издание на МЕСС (Меѓународен фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево), што започнува вечерва, ќе биде член на жирито на официјалната програма. Фестивалот ќе трае до 8 октомври. Стојаноска ќе ги оценува претставите заедно со Марина Катниќ-Бакаршиќ, професорка на Факултетот за сценски уметности во Сараво и Јана Баскау, продуцентка од Германија.
МЕСС ќе биде отворен со претставата „Калигула“ на Националниот академски драмски театар „Иван Франко“ од Украина. Врвот на европскиот театар низ 12 претстави ќе се претстави со дела од Англија, Литванија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. На фестивалот не учествува театарска куќа од Македонија.
Писателката и професор Ана Стојаноска дипломирала на Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Постдипломски студии завршила на театрологија на Факултетот за драмски уметности, каде магистрирала и докторирала. Работела како истражувач и координатор на Институтот за театрологија при ФДУ. Специјализирала од областа на театарската музеологија. Авторка е на бројни романи и драмски дела, стотина студии и огледи објавени во македонски и странски списанија, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарски критики. Нејзината поезија и проза се објавени во многу македонски и меѓународни зборници.

Сподели