Ретроспективната изложба на дела од сликарот Владимир Георгиевски во Музејот на град Скопје ќе биде затворена на 1 февруари (среда) во 20 часот со настап на виолинистката Ана Кондратенко, концерт-мајстор и солист во оркестарот на македонската Филхармонија и на оркестарот F.A.M.E.‘S Project во Скопје.

– Уживајте во уште една, последна за сега, средба со сликите на Георгиевски, како и во исклучително музичко доживување – велат организаторите.

Владимир Георгиевски (1942-2017) е еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници. Студирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во Белград, кадешто завршил и постдипломски студии во класата на професор Младен Србиновиќ, во 1970. Покрај активното творење, меѓу 1980 и 2017 работел и како професор по сликарство, пластично обликување, историја на уметност, сценографија и костимографија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.

ОМАЖ НА УМЕТНИКОТ ШТО ГО ПОСТАВИ ЧОВЕКОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СВОЈОТ СЛИКАРСКИ СВЕТ

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата во 2013, награда за животно дело од ОСТЕН во 2014година и титулата Doctor Honoris Causa во 2017 од Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Владимир Георгиевски исто така создал наградувани сценографски и костимографски решенија за бројни театарски претстави и неколку играни филмови во Македонија и во земјите на поранешна Југославија. Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петербург. Како член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија учествувал и во многу групни изложби.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.