Со многу лична посветеност и жртвување. Ете така опстои Ликовната колонија „Галичник“. И татко ми и јас, секогаш сме имале инаетлива, планинска природа која не стремела кон популизам во организирањето на колонијата, туку кон нејзин квалитет, специфичност и препознатливост
Во приватна вила во длабокото зеленило на планината Бистра в недела ќе почне 32. сесија на Ликовната колонија „Галичник“. Годинава ќе учествуваат: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ од Црна Гора, Магдалена Кучко од Полска, Ана Паску од Романија, Клица Антониу од Кипар, Зара Александрова од Бугарија, Ејлул Догруел од Турција, Денис Јагџи од Косово/Србија/Македонија и нашите уметници Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јованоски и Зоран Георгиев. Во рамките на колонијата ќе се организира и отворена програма за комуникација со локалното население и едукација. Јавни презентации ќе има на 16 и 17 август од 20 часот, пред Упија и работилница за деца на 21 август, во 11 часот.

Нове Франговски (лево) со дел од учесниците на колонијата (архива на Ликовна колонија „Галичник“)
Основана од Нове Франговски, еден од најреномираните македонски современи уметници, колонијата некако успева да преживее до денес. По неговата смрт во 2017 година, колонија ја презеде неговата ќерка, историчарката на уметност Ана Франговска која практично израснала со дружбите на уметниците во Галичник. Со неа разговараме за предизвиците да се организира колонија, за упорноста, за уметноста.
Во пандемија, каков формат ќе има уметничкото дружење во Галичник овојпат?
– Долго време размислував дали да почнеме со физичко присуство и на странски автори заради пандемијата, но како што мора да се научиме да функционираме во оваа нова нормалност, имунизирани и со почитување на сите мерки за заштита, решив дека и колонијата треба да си продолжи по востановениот терк. Оттука годинава се враќаме на физичко присуство и на домашни и на странски уметници, но од лични причини одредени уметници побараа да учествуваат и онлајн, па така ќе имаме некакво хибридно учество – 11 уметници ќе учествуваат со физичко присуство, а четворица – онлајн.

Дело од Ангел Миов
Ако пред 20 години од пролет до есен постојано се случуваа ликовни колонии во Македонија, денес како да може да се избројат на рака. Како би го опишале третманот на ликовните колонии од државата?
– Да бидам искрена, немам реална слика, ниту податок, за тоа колку ликовни колонии во нашата држава егзистираат, но сè уште мислам дека има доста ликовни манифестации, секоја обидувајќи се на свој начин да опстане. Доколку имате податок дека тие се десеткувани, веројатно дошло до некаква природна селекција. За некои од нив, што беа уникатни и ретки, ми е навистина жал, како Ресенската на пример, но тоа е веројатно и работа на културна политика. Интересот на државата кон поддршката на ваков тип манифестации отсекогаш варирал, некогаш бил со пореална материјална помош, а некогаш колку да не бидеме одбиени.

Галичката ликовна колонија, да бидам реална, секогаш била потпомогната од државата, иако имало и мошне кризни периоди во кои го стававме под знак прашалник и нашето егзистирање. Но, сакам да верувам, и во нашиот случај барем така се покажало, дека квалитетот секогаш го наоѓа својот пат до тоа да биде прифатен и препознаен. Така е и со Ликовната колонија „Галичник“. Напорите на организаторите да направат еден препознатлив и уникатен бренд вродија со плод и оваа колонија ја продолжува својата традиција и ќе се одржи и по 32. пат, со уште повисоки цели и очекувања на патот до одржување на востановените стандарди за следење на најактуелните случувања на мапата на современата уметност.
Како опстои Ликовната колонија „Галичник“? Освен поддршка од програмата на Министерството за култура, има ли други финансиски можности, европски фондови и слично?
– Со многу лична посветеност и жртвување. Ете така опстои Ликовната колонија „Галичник“. И татко ми, Нове Франговски, иницијатор и доскорешен претседател на колонијата (сè до неговата смрт во 2017) и јас, откако сум вклучена во колонијата, најнапред како куратор од 2010, па и сега како нејзин претседател, секогаш сме имале инаетлива, планинска природа која не стремела кон популизам во организирањето на колонијата, туку кон нејзин квалитет, специфичност и препознатливост. Кога организирање на една ваква ликовна манифестација ќе ти стане живот, а не од неа да живееш, е само тогаш ја сфаќаш суштината на нејзиното значење.

Кога тие десет дена во годината се ставаш целосно во служба на високо професионална организираност, гостопримливост, анимација, координација, комуникација, интер-комуникација, продукција, курирање итн, итн, и тоа без финансиски надомест, само тогаш знаеш дека тоа што си го направил си го направил од срце и зошто тоа е нешто што ти влегло под кожа и за кое имаш непишан аманет да го одржуваш, и заради Галичник, и заради татко ми и заради културата и уметноста на нашата земја, бидејќи сум непобедлив оптимист дека од секој од нас зависи каде одиме и што правиме. Во врска со другите можности за финансирање, ќе нагласам дека ги има, но се малку и со мала финансиска или кондиторска помош. Кај нас културата е сè уште далечна и неразбрана, веројатно во земји каде што имаме голем процент на сиромаштија и неедуцирано општество и не можеме многу „да продаваме“ култура. Но, не смееме и не се откажуваме. Европските фондови не се невозможни и недостижни, но да бидам искрена тоа е една сериозна работа со цело работно време, а јас како вработен и мошне ангажиран кустос во Националната галерија и со многубројни вонинституционални проекти, не сум стигнала до тој домен, а во план е.
Основана од Вашиот татко, Нове Франговски, човек со огромна душа, Вие растевте со колонијата. Може ли да направиме паралела тогаш и сега?
– И во претходниот одговор начнав дел од суштината и на ова прашање, а пред сè за тоа дека јас сраснав со оваа колонија. Времето тогаш и сега, една главна разлика е што тогаш бевме двајцата, а сега сум сама, и таа алка на физичка и морална помош многу недостига. Друга разлика е што класичните уметнички медиуми се повизибилни и попристапни до публиката, па продукцијата на тогашните уметнички дела беше веднаш видлива и поматеријална. Сега, со новите медиуми, таа комуникабилност недостига, технологиите, брзината на изведбата, продукцијата, монтажата, финализацијата на делата од овој тип подразбираат поинаква динамика и реализација.

Затоа, за да го вратам тој линк кој недостига почнав да правам јавни презентации на учесниците, пред локалната публика, пред сè за да го едуцираме локалното население за уметноста на новите медиуми, а од друга страна да ги запознаеме со творештвото на учесниците и нивните дела. Резултатот од ваквите отворени програми покажа голем успех и неверојатен интерес. Затоа е важно да се гледаат нештата од различни аспекти и соодветно да се дејствува. Можам да напишам цела книга на тема анегдоти и случувања на колонијата. 32 години е еден цел живот, а секоја година, секоја сесија, своја приказна со различни доживеалици. Од тоа дека Галичник го доживеаја како европски Тибет и крај на светот, преку средби на уметници од различни страни на светот кои делат иста животна судбина, до големи заеднички проекти, соработки, сопатништва итн.





