Пишува: Трајче Кацаров

Кон премиерната изведба на пиесата „Амбасадор“ од С. Мрожек, во режија на Андреј Цветановски,  продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип

Славомир Мрожек во расказот „Оној кој паѓа“, од збирката раскази „Пролет во Полска“, ќе напише: „На почетокот западнав во голема бркотија, не знаев дека паѓам. Испреместените сетила меѓусебно се судираа како мачки во вреќа. Бидејќи не знаев дека паѓам не се плашев од паѓањето. Само чувствував некаква тегобност во хаосот.“ Во расказот станува збор за човекот кој паѓа. Паѓајќи осознава дека прави нешто на што никогаш не помислувал. Стравот од падот му го ублажува констатацијата дека не е сам. Паѓаат и други луѓе околу него. Некои паѓаат сами, некои во пар. Паѓаат во групи. Паѓаат држејќи се за некакви предмети, растенија, како на пример – бусен трава, гранки од дрво и сл. Паѓаат во различни пози. Некои паѓаат вертикално со нозете надолу, некои надолу, ама со главата. Некои паѓаат водоравно. Паѓаат луѓе во сите возрасти. Паѓаат деца, паѓаат средовечни, паѓаат возрасни.

Во „Амбасадор“ Мрожек не бега од темата за падот на човекот. Тоа го прикажува преку неколку драмски ситуации. Ејтен Сурио за драмската ситуаци вели дека е посебена форма на меѓучовечките односви во одреден сценски момент. Во режисерските белешки на Питер Хол, како да се режира Пинтер, наоѓаме: „Пинтеровите ликови, се демнат во џунглата, сакаат да се убијат, но тоа дека се настроени за извршување на убиството го кријат од другите.“ Тоа го чинат и ликовите на Мрожек во пиесата „Амбасадор“.

Почнувајќи од жената на амбасадорот, секретарот на амбасадата, ополномошникот на земјата каде е сместена амбасадата, па, се’ до човекот кој бара азил. Сите тие на свој начин паѓаат. Но, при падот не се држат за бусен трева, за гранка, еден за друг со рацете, туку се држат за амбасадорот. Всушност се држат за предметот што треба да им ги реши личните проблеми, односно, да им го продолжи падот, да ги увери дека падот надолу, може да стане и пад нагоре, кон небото кое, пак може да го претвори во слободен лет.
Мрожек големиот хуморист , сатиричар и критичар на секој тоталитарен режим, човекот кој секогаш гласа против ропството, низ ова дело ни порачува: „Падот на еден човек е пад на човештвото. Се’ друго што може да се случи во природата и заедничкото живеење е помалку важно.“

Режисерот Цветановски, го разбира Мрожековиот избор на материјалот и неговото згуснување во градењето на фабулата. Тоа му помага со нагласување на изразните срества, контрастот на сцените, дијалогот и карактерите, да успее да ја улови јасноста и нужното време траење при преносот на емоциите од сцената кон публиката.

За актерските креации може да го кажеме она, што Питер Хол го кажал за актерите во Пинтеровите пиеси – „Маските им ги покриваа лицата, но не можеа да им ги стишат срцата“. Неиграњето на пиеси од ваков жанр, ги доведуваше на моменти во пренагласени артикулации и рески движења. На некои, им недостигаше хипнотизирачки изговорената реч, нужна да ја држи публиката во занес, односно да ја наведе самата да дојде до климаксот и единствениот крај. За истакнување е актерската креација на Григор Јовановски. Одмерено користејќи се со изразните средства го правеше ликот веродостоен и забавен. Во претставата играат: Милорад Ангелов, Ангелка Нашкова, Миле Вратеовски, Пеце Ристевски.

Сценографијата ја доведе фигурално геометриската композиција до исклучително успешно решение. Музиката беше навистина апликативна, на моменти и незабележителна.

За претставата на Штипскиот театар, „Амбасадор“ можеме да кажеме: „Ако паѓа нејзиниот пад ќе биде во нагорна линија.“ Затоа не е лошо публиката да се фати за неа и цврсто да се држи.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.