Претставата „Амбасадор“, по текст на Славомир Мрожек, а во режија на Андреј Цветановски, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Народниот театар од Штип. Претставата зборува за дипломатски конфликт помеѓу две неименувани земји, конфликт помеѓу амбасадорот и претставник на Владата. Текстот пишуван за Студената војна, но со можност да се приспособи на кој било конфликт меѓу две земји, е само едно од уникатните дела на авторот Мрожек.

– Неговата арт-поетика и апсурдот што го носи како автор зборуваат за секое време, затоа што тој не зборува за политички настани, туку за состојбата на човекот и местото на човекот во секој еден политички систем. Заради тоа мислам дека е толку голем. Тој ги наоѓа човековите мани во секој политички систем, а не обратно, вели Цветановски.

Дипломатски конфликт, од комедија во драма и трагедија, автентично за Мрожек, процес на кој се работело нешто повеќе од 40 дена. Како што потенцира актерот Милорад Ангелов, ова е приказна која секако пренесува порака. Според актерот Пеце Ристевски, пак, кој го игра ликот на амбасадорот, станува збор за приказна на верата.

– Направивме претстава за верата, бидејќи е многу важно секој еден од нас да верува во нешто. Ние одлучивме да веруваме во својата чесност, праведност и одговорност, со други зборови, едноставно во чесност – вели Ристевски.

Во претставата играат и Ангелка Нашкова, Миле Вратеовски и Григор Јовановски. Актерите за претставата се избрани на аудиција, чија цел е, како што вели директорот Горан Трајков, да вклучи млади невработени актери. Истите да може да учествуваат во вакви проекти и да се истакнат, а дополнително, секој режисер да може да си ја избере својата екипа. Такво ново лице во Штипскиот театар е Григор Јовановски.

– На моја голема среќа првпат, се надевам не и последен, сум во Штипскиот театар. Имавме прекрасен процес. Мене ми е чест што работев со толку добра екипа, секој од актерите е оригинален на свој начин, што беше едно олеснување за креативниот процес којшто го имавме – вели Јовановски.

Фотографии: Сергеј Светозарев и Јани Патче

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.