„Сакам книги“ ја носат авторката на трилери Алиса Фини на Саемот на книга

Алиса Фини, амбициозната авторка на напнати и непредвидливи трилери, ќе го промовира својот нов роман „Добра и лоша“ на претстојниот Саем на книга во Скопје. Романот е во издание на издавачката куќа „Сакам книги“. Фини која работела како новинарка на Би-би-си, ќе се сретне со македонските читатели во петок (19 април) во 16 часот, во салата „Борис Трајковски“, ќе потпишува примероци од своите книги и ќе го промовира романот „Добра и лоша“.

Алиса Фини е авторка на „Понекогаш лажам“, „Тој и Таа“ и „Камен лист ножички“ кои се преведени на македонски јазик. Нејзините романи се преведени на повеќе од 25 јазици, а дел од нив имаат и екрански адаптации.

– Фини е позната по својата вештина да пишува катаклизмични трилери со сложени заплети, мрачни ликови и завршетоци кои ќе ве шокираат до срж. Од нејзиниот деби трилер „Понекогаш лажам“, до последниот роман „Добра и лоша“, таа секогаш ги носи своите читатели на диви возења од почеток до крај. Како што вели самата авторка: Книгите можат да нѐ однесат каде било ако им дозволиме. Можат и да нѐ ослободат. Таа слобода е нешто кон кое сите ние се стремиме, особено откога ќе ја изгубиме – велат издавачите.

Издавачката куќа „Сакам книги“ годинава најавуваат 11 нови наслови од различни жанрови, многу попусти, подароци, промоции и книжевни имиња на 36. издание на Саемот на книга.

Ќе организираат промоции на пет нови романи од македонски автори, како дел од едицијата „Наши, а светски“. Тоа се: Кирил Ангелов со деби романот, автобиографското дело „Безсловен“, Далибор Трајков со неговиот нов трилер „Тајната на монахот“, Гордана Такец со деби романот по вистинска животна приказна „Капирења“, Лепа Гештаковска-Христовска со „Италијанскиот ракопис“ и Ксенија Николова со „Зад маските“. Сите домашни автори исто така ќе потпишуваат примероци и ќе се дружат со читателите на евојот штанд на Саемот на книга.

Сподели