Александра Поповска: Македонската музика е мојот железен репертоар

Јас сум од онаа сорта на луѓе што има потреба и секојдневно вежба да ја наоѓа убавината каде и да се најде. Така што, подеднакво може да ми биде убаво и на Малешевските планини и на плажа во Хаг – вели Поповска

Го паметите ангелскиот глас што ја отпеа една од најдобрите изведби на народната „О, Јано, Јано“, заедно со своите колеги во составот на Драган Даутовски квартет? Музичката уметница Александра Поповска повеќе од десет години живее во Хаг, Холандија, а музицира и настапува со различни состави и соло и во нејзиниот глас ужива публиката во повеќе земји.
Каков е патот на уметникот во Европа? Какво е нејзиното искуство? Поразговаравме со Поповска, која вели дека патот не треба да го бараме, туку треба да си го градиме. Заедно. Место има за секој од нас. Кога имаме почит кон тие што работеле пред нас и им даваме рака на тие што доаѓаат по нас, многу нови врати се отвораат.

На прашањето дали ја изведува македонската музика, таа вели дека многу често ја изведува и дека е нејзин железен репертоар.

Александра Поповска (фото: Monica Sturoop)

Ја освојувате Европа со Вашиот глас. Беше ли тежок патот откако заминавте од Македонија?

– Ви благодарам за прашањата и за интересот за мојата работа. Пеењето, љубовта кон музиката и уметноста, потребата за творење, комуникација и креативна размена на некој начин го одредиле и сè уште го одредуваат мојот професионален и животен пат. Благодарна сум дека имав можност да настапувам во голем број на европски земји и да соработувам со многу уметници од различни профили и во различни уметнички форми. Но, сето тоа никогаш не сум го гледала како „освојување на Европа“, зашто не размислувам на тој начин. Едноставно, „тaкав ми хороскоп“. Јас се врзувам со голем интензитет за местата и за луѓето што ги сакам, па можеби затоа го немам чувството дека од каде било сум заминала. На страна тоа што зборот заминување секогаш ми звучел драматично и лично, никогаш не сум имала некоја желба или голем сон да живеам на некое посебно место, таму некаде. Јас сум од онаа сорта на луѓе што има потреба и секојдневно вежба да ја наоѓа убавината каде и да се најде. Така што, подеднакво може да ми биде убаво и на Малешевските планини и на плажа во Хаг.

МУЗИЧАРКАТА АЛЕКСАНДРА ПОПОВСКА ВЕЧЕРВА ЌЕ НАСТАПИ НА ПРЕСТИЖНИОТ ФЕСТИВАЛ БИГ БЕНГ ВО ЛУКСЕМБУРГ

Mислам дека секој пат носи предизвици и тие се од различна природа; во Холандија на почетокот предизвиците беа врзани за јазикот, културата, временските прилики, како и барање место во културниот/образовниот сектор, коj е скоро десет пати поголем од нашиот! Тоа бара голем влог и развивање на вештини за да преживееш како уметник и да истраеш во својата работа, да се поврзеш со луѓето, да изградиш професионална доверба, итн. Нo, и додека живеев во Скопје не беше секогаш лесно и потребни беа години за создавање мрежа на соработници. Никаде не е лесно, но со поддршка од семејството и најблиските, со упорност и труд многу работи може да се постигнат.

Александра Поповска (фото: Monica Sturoop)

На што сте фокусирана периодов професионално? Со кој состав соработувате?

– Многу често работам на различни проекти во исто време. Така и во овој период: штотуку ја завршив музиката за краткиот филм „Марокански чај“, на младата руска режисерка Кристина Данурова; работам на нова хорска композиција за фламанскиот радио хор од Белгија; соработувам со Zonzo Campagnie на проектот „Песни со корен“ како изведувач, а од неодамна и со колективот Gallery of tones.

Одржувате ли некаква професионална релација со Македонија?

– Врската постои и јас сум отворена за соработки. Последен пат работев со Бајса Арифовска минатиот месец, која ми снимаше неколку делници за потребите на гореспоменатиот филм „Марокански чај“. Пред пандемијата работев со кореографката Кренаре Невзати Кери на нејзиниот проект „Емоции/ последна вечер“ по повод 25 години од смртта на Блаже Конески. А работев и на Факултетот за музичка уметност во Скопје од 2012 до 2015 на тогаш штотуку отворената насока за популарни музички жанрови, па и тоа беше убав период поминат со колегите и студентите. Но, како изведувач не сум настапила во Македонија од 2013 година. А баш би сакала да се случи некој концерт-проект годинава, затоа што приемот од македонската публика секогаш бил многу топол и посебен, а и дека имаме музичари од светски калибар кои гинат за тоа што го работат, па би било супер да се свири со некој од нив!

Од Вашата соработка со Драган Даутовски квартет се изроди антологискиот албум „Патот на сонцето“. Ви недостигаат ли настапи со македонски колеги?

– Благодарам што го препознавате како антологиски и драго ми е дека така го гледате. Само не ми се верува дека од тогаш поминаа скоро дваесет години! Неколку цедиња снимивме со квартетот, но тој албум мене лично ми е најдраг. Инаку, ми недостигаат настапите со македонските колеги, да. Тоа беа интензивни години на дружби, секојдневни проби, многу патувања, но и чекање во редици пред амбасадите во Скопје, дека тогаш за секаде ни требаше виза. Мислам дека од тоа музичко и животно искуство сите научивме многу лекции.

Што е најважно за успех во музичката дејност?

– Секој од нас успехот го дефинира на поинаков начин, но ако сакаш да станеш професионалец во нешто мора да се помириш со фактот дека нема скратени патишта. Патот е долг, затоа здравјето е на прво место, потоа многу труд, верба во тоа што човек го прави, дициплина , фокус, атлетски мајндсет, издржливост/толеранција на стрес, трпение, отвореност, постојана надградба, внимателност при изборот на соработници, одговорност, исполнителност, познавање на контекстот во кој се дејствува, поддршка од најблиските, прифаќање на „порази“ како дел од уметничкиот патот, знаење кога да кажеш НЕ, а и среќа. Музиката е огромна област со многу различни занимања, а сите си имаат свои специфики, па за успешно да си ја вршиш работат во игра се и ред други фактори типични за секој посебен профил.

Но, од практична гледна точка, тие што допрва почнуваат да се занимаваат со музика добро е да знаат дека скоро во секоја земја веќе постои одредена инфраструктура на институции, фестивали, културни центри, асоцијации, мрежа на активни играчи во скоро сите музички жанрови, кои имаат одредени правила и очекувања. Младиот уметник може или да одбере да игра во зададените рамки и да се обидува да стане дел од една таква мрежа или да гради своја инфраструктура заедно со луѓе од неговата генерација или луѓе со сличен креативен порив. Ниту едниот избор не е лесен и тој може да се менува во текот на животот.

Во морето на висок квалитет и конкуренција, како да се пронајде патот?

– Сметам дека патот не треба да го бараме, туку треба да си го градиме. Заедно. Место има за секој од нас. Кога имаме почит кон тие што работеле пред нас и им даваме рака на тие што доаѓаат по нас, многу нови врати се отвораат. Во исто време, мора да бидеме и реални во своите очекувања, да си ги согледаме и најсилните и најслабите страни и ниту да ги преувеличуваме едните, ниту да паѓаме во очај поради другите. Ми се чини дека човекот е многу посреќен кога не се споредува со други, туку само со себеси и кога се труди секој ден да биде макар малку подобар во нешто од вчера. И како и со навиките, тоа „малку“ секој ден, знае да влијае на патот.

Насловна фотографија: Maurits Lamers

Сподели