„Главоболките“ ги додадовме како симбол на емотивниот товар што го носат тие односи – болни, но и смешни, истовремено. Тие ја доловуваат тензијата меѓу привлечноста и разочарувањето, хуморот и драмата, сарказмот и апсурдот – вели режисерката Кардалевска.
„Секс, лаги и главоболки“ е новата претстава на Театар Комедија чија премиера ќе се случи утревечер во 20 часот. Нов предизвик за режисерката Александра Кардалевска, која во изминатите десетина години создава претстави за кои редовно се бара билет повеќе. Нејзината претстава „Анатомија на неверството“ и по четири години сè уште се игра на сцената на „Комедија“. Во последните години таа сними и неколку кратки филма – „Состојба на умот“ и „Сценариото“, за кои доби и награди на фестивали.
Во интервјуто за Умно.мк таа ни открива дека љубовните односи меѓу луѓето се неисцрпни, бидејќи секогаш отвораат нови прашања и предизвици. Преку овие теми ги истражуваме човечките слабости, но и копнежот за љубов и разбирање, вели таа.
„Секс, лаги и видеоленти“ во вашиот случај стана „Секс, лаги и главоболки“. Логична промена, секако. Како дојдовте до главоболки, чија беше идејата?
– Кога го избравме насловот на претставата, свесно се повикавме на култниот наслов „Секс, лаги и видеоленти“, но во нашиот случај, станува збор за сосема поинакви приказни во кои четворица актери толкуваат различни карактери поставени во парадоксални моменти на љубовните односи, брачните предизвици и неверствата. „Главоболките“ ги додадовме како симбол на емотивниот товар што го носат тие односи – болни, но и смешни, истовремено. Тие ја доловуваат тензијата меѓу привлечноста и разочарувањето, хуморот и драмата, сарказмот и апсурдот.

Александра Кардалевска
Што да очекува публиката на Театар Комедија?
– Публиката може да очекува една динамична, духовита и емотивна претстава, која со леснотија се движи на тенката линија помеѓу хуморот и драмата, но секогаш останува искрена и блиска до животот. Четири едночинки, четири различни приказни што ќе ја разголат комплексноста на љубовните односи – од комични недоразбирања до болни откритија. Ќе се смеат, ќе се препознаат, можеби и ќе се замислат. Но најважно, ќе излезат од театарот со чувство дека биле дел од еден жив, вистински и емотивен свет.
Како ви течат подготовките?
– Подготовките се во полн ек и целата екипа работи со огромен ентузијазам. Работата со неверојатната актерска екипа – Жаклина Петровска, Елена Кузманов, Тони Денковски и Сергеј Димовски – беше вистинско задоволство. Нивната способност за брза трансформација и лесно влегување во различни улоги е навистина фасцинантна. Секој од нив внесе посебна енергија и оригиналност, создавајќи ликови што се комплексни, но и автентични. Во моментов сме во последната фаза – сценографијата и костимите, дизајнирани од Онур Озџан, се веќе на своето место и изгледаат неверојатно, минималистички, но софистицирани, благодарение и на соработката со Rinocca Studio, чиј уникатен мебел од дрво, награден во Копенхаген, совршено се вклопува во просторот. Музиката на Оливер Јосифовски дополнително ја збогатува атмосферата, а внимателно избраните производи од Smart Living, Fokabo, 11i11 Saat, Urma и други наши поддржувачи ја заокружуваат естетиката на претставата.
„Анатомија на неверството“ (премиера 2021 година), исто така на Вашата матична сцена. Сега и со оваа претстава повторно се навраќате на оваа тема. Важно ли е да зборуваме на оваа тема што повеќе?
– Темата на неверството и воопшто љубовните односи е неисцрпна бидејќи секогаш отвора нови прашања и предизвици. Преку овие теми ги истражуваме човечките слабости, но и копнежот за љубов и разбирање. Во „Анатомија на неверството“, која со огромен успех се игра веќе четири сезони пред полна сала, ја разгледуваме истата тема преку духовити и емотивни сцени, каде хуморот, сарказмот и апсурдот се дел од нарацијата. Со „Секс, лаги и главоболки“, продолжуваме во истиот дух, но преку нови приказни и свежи ликови. Верувам дека е важно да зборуваме за овие теми, затоа што тие постојат околу нас и во нас, без разлика дали сакаме да ги признаеме или не. Театарот има моќ да ги открие тие скриени вистини и да нè натера да размислиме, но и да се насмееме на сопствените противречности.

Во последните години се фокусиравте и на полето на филмот. „Сценариото“ и „Состојба на умот“ имаа успеси и на филмски фестивали. Во која уметност сте повеќе своја или важно Ви е да раскажете приказна, без разлика во која форма?
– За мене уметноста е пред сè начин на раскажување приказни. Без разлика дали тоа е преку театарска сцена или филмско платно, мојата цел е секогаш иста – да ја раскажам приказната на начин што ќе ја допре публиката. Театарот има своја магија, тој е жив организам каде што секоја изведба е уникатна, а енергијата меѓу актерите и публиката е неповторлива. Од друга страна, филмот ми дава можност да создадам светови кои се трајни, каде што секој кадар е внимателно обликуван и останува засекогаш.
Не се ограничувам само на една форма – кога имам приказна што сакам да ја раскажам, ја следам нејзината суштина и дозволувам таа да го одбере медиумот. Понекогаш тоа е театар, како со „Секс, лаги и главоболки“, а понекогаш тоа е филм, како со „Сценариото“ и „Состојба на умот“. Она што е најважно за мене е искреноста во приказната и емоцијата што ја пренесува.
Што Ве очекува во наредниот период? Дали можеби нов филм или друг проект?
– Наредниот период ќе биде прилично возбудлив. Покрај премиерата на „Секс, лаги и главоболки“, активно работам на неколку театарски проекти и развивам сценарио за долгометражен филм. Продолжувам да истражувам нови теми и да се предизвикувам себеси, било тоа на сцената или зад камерата. За мене е важно постојано да откривам нови начини на раскажување приказни и да создадам дела што ќе ја предизвикаат и ќе ја допрат публиката.





