На годишните награди на белградскиот театар, награди освои и претставата „Мојот маж“, работена според расказите на Румена Бужаровска

Режисерот Александар Поповски за претставата „Алиса во земјата на стравовите“ на Ева Махковиќ ја освои наградата за најдобра режија што вчера му ја додели Југословенското драмско позориште. Поповски ја подели наградата со Егон Савин (за „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ) и со Јована Томиќ (за „Мојот маж“, според Румена Бужаровска).

„Алиса во земјата на стравовите“ освои награда и за извонредно актерско заедништво и преданост во размена на емоции и енергија. Тоа се актерите: Милена Радуловиќ, Небојша Љубишиќ, Слобода Миќаловиќ, Радован Вујовиќ, Милан Мариќ, Јована Беловиќ, Ива Стефановиќ, Тамара Шустиќ и Денис Муриќ. Дизајнерот на светлото на оваа претстава, Дејан Драганов, исто така беше награден.

Југословенско драмско позориште вчера го одбележа 74 година од првата своја премиера. Во фоајето на театарот се собраа членови на ансамблот, уметници гости, пријатели, соработници.

Режисерот Горчин Стојановиќ ја доби наградата за целосна уметничка работа на претставата „Загреб – Белград виа Сараево“ по текст на Јелица Зупанц. Димитрије Коканов ја доби наградата за драматургија и посебен уметнички придонес во претставата „Мојот маж“.

За низа улоги во претставата „Мојот маж“, награди добија Јована Беловиќ и Сања Марковиќ. Овие две актерки, се добитнички и на наградата на ЈДП и фондацијата „Бранко и Млаѓа Веселиновиќ“, за најдобро актерско остварување на сцената на ЈДП и наградата „Небојша Глоговац“ за извонредна уметничка креација на млад актер, што театарот заедно со Град Белград ја вовеле од минатата година.

„На отворено море“ лани беше изведена на затворањето на Охридско лето.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.