Александар Поповски: Македонскиот театар е мојата Итака

Многу би сакал да ја поставам драмата на Горан Стефановски „Демонот од Дебар Маало“, приказна за еден човек кој по долги години се враќа дома и не го препознава градот. Сè е променето и девастирано. И решава да ги врати работите на свое место. Како еден македонски Бетмен

„Животот на Молиер“ пред 10 години е неговата последна претстава што ја режираше во Македонија. Во изминатата декада животот го однесе во различни правци, подалеку од дома, на театарски сцени во Белград, Будимпешта, Марибор, Љубљана… Неговата последна премиера на сцената на Југословенско драмско позориште, „Алиса во земјата на стравовите“ беше прогласена за најдобра претстава на о вој престижен театар во Белград.

Режисерот Александар Поповски во моментов е фокусиран на текстот „15 хероини“, инспириран од дело на Овидиј, што го поставува во Местно гледалишче во Љубљана. 15 авторки во време на корона пишуваат по мотивите токму на таа книга. Ојнона, Хермиона, Пенелопа, Дидона, Канака, Хипемнеста, Федра, Медеја и Филида се девет приказни што ги избрал Поповски.

Александар Поповски

Како се случи Алиса од земјата на чудата да замине во земјата на стравовите?

– Методот по кој работам претстави веќе подолго време го нарекувам метод на „слободен пад“. Настанат е како инспирација од моментот во кој Алиса пропаѓа низ дупката. За цело време додека паѓа, таа не се плаши или паничи. Таа разгледува околу себе, комуницира, размислува. На тој начин се однесувам кон материјалот кога ја поставувам претставата. Си дозволувам да паѓам и пропаѓам, бидејќи само така можам да ја почувствувам автентично материјата, а притоа не се обидувам да се задржам на веќе познати и испробани методи. Стравот е една од најмоќните емоции што ги дефинира нашите постапки. Се разбира дека многу повеќе ја сакаме љубовта или радоста, ама кој нè прашува. Стравот во последниве неколку години доминира како никогаш досега. Во разговор со писателката Ева Махковиц од Словенија, со која соработувам скоро 10 години, дојдовме на идеја да ги споиме овие две работи. Алиса и стравот. Така дојдовме до една современа бајка за една девојка од 30-ина години која се соочува со сопствените стравови. Стравот е феномен кој нè парализира, нè затвора, не ни дозволува да размислуваме. Во таква состојба многу тешко се живее. Од друга страна, не е ниту едноставно да речеш од утре „мечка страв мене не страв“.

„Хамлет“, „Матаморфози“ се дел од претставите преку кои го оставивте Вашето име на репертоарот на Југословенско драмско позориште. Какво е чувството кога повремено му се враќате на еден ансамбл?

– Добро. Можам да кажам и многу добро. Јас се враќам онаму каде што ми било добро или каде што сум можел да уживам во она што го работам. Каде што не ми било добро, мислам дека не сум се вратил никогаш. ЈДП има таква историја и многу големо значење во некогашниот југословенски, а и сегашниот постјугословенски простор. Таму работеле големи режисери и актери. Таму ја гледав премиерата на „Театарските илузии“ во режија на мојот професор Слободан Унковски, претстава која многу значајно го одреди мојот однос кон театарот. Таму се случи мојот „Хамлет“, една преубава приказна со еден преубав глумец Небојша Глоговац. Сега работев со една, за мене, сосема нова екипа на глумци за која мислам дека е новата надеж на белградскиот театар.

Ја поставивте „Ромео и Јулија“ во 2021 година на сцената на Словенско народно гледалишче во Марибор, на неа ѝ претходеше „Мајсторот и Маргарита“ во Будимпешта. Беше ли предизвик да се соочите со двете класични дела за краток период?

– „Ромео и Јулија“ ја правев во целиот период на карантинот. Постојано пробавме со маски и повеќето време на пробите не ги гледав лицата на глумците. Најбизарни беа бакнежите помеѓу младите љубовници кои беа со маски. На еден начин, тие проби беа мошне тешки, а од друга страна на тоа гледав како на голем предизвик. Ја сакам таа претстава и поради начинот на кој со Марјан Неќак создадовме една музичка структура. Во првиот дел таа е повеќе базирана на движење (кореографија), во вториот дел е близу до мјузикл и во третиот дел влегува во драма. Целата претстава е правена низ визурата на Јулија. Да биде поинтересно и глумицата која ја игра Јулија, се вика Јулија. Многу коинциденции и случки кои го прават театарот да биде возбудлив. Инаку претставата е избрана во селекција за словенечкиот Национален театарски фестивал „Боршникови средби“ годинава.

„Мајсторот и Маргарита“ е моја прва претстава во Будимпешта, во унгарскиот национален театар. Е тоа, ако имате време ве поканувам да одите и да ја погледате. Ако најдете карти, бидејќи е распродадена. Толку добар ансамбл, такви фантастични глумци, не сум сретнал на едно место. Уживав додека ја работев и сега се подготвувам за нова соработка, која ќе се случи на крајот од оваа година. Еве уште еден доказ за она за што зборувавме на почетокот, зошто се враќаме на некои места.

Вие сте уметнички директор на Словенско народно гледалишче во Марибор. По неколкугодишно искуство, можете ли да споредите како функционира еден словенечки национален театар во однос на македонските?

– За жал, не можам да споредувам, бидејќи предолго немам комуникација со македонските театри. Едноставно, животот ме однесе во некој друг правец и сега ми се чини некоректно да зборувам за нешто што не го познавам доволно добро. Малку да ви се пофалам, во овие три и нешто години како сум директор, успеав да ставам на репертоар 10 словенечки текстови. Посебно сум горд на последната претстава базирана на романот од Драго Јанчар, „Таа ноќ ја видов“ (преведен и на македонски јазик). Претставата е сага за периодот пред, за време на Втората светска војана и по неа. Словенија сè уште има нерасчистени работи од тој период. Неверојатни се реакциите на публиката на поклонот. Она што можам да го кажам е дека словенечкиот театар е доста отворен и има простор за луѓе кои доаѓаат од различни средини. Таа отвореност го прави театарот жив и интересен.

Ви недостига ли македонската публика?

– Мојот однос кон македонскиот театар го гледам преку метафората и приказната за Одисеј. Македонскиот театар е мојата Итака. Ќе ви раскажам една приказна која ја прочитав за Одисеј. Во текот на 20 години отсуство на Одисеј, Итачаните задржале многу спомени за него, но не чувствувале никаква носталгија. За тоа време Одисеј пател од носталгија, не сеќавајќи се скоро на ништо. Откако ги убил дрзниците кои сакале да се омажат со неговата Пенелопа и да завладеат со Итака, Одисеј бил присилен да живее со луѓе за кои ништо не знае. Тие пак, за да му се додворат му раскажувале сеќавања поврзани за него пред да замине во војна. Ништо не му сметало повеќе од тоа. Тој посакувал само едно, конечно да му кажат: Раскажувај! А тоа бил единствениот збор, којшто во неговата татковина, никогаш никој не го изговорил.

Влијаеше ли многу ковид-пандемијата на театарскиот живот во регионот? За разлика од кај нас каде одвај по некоја монодрама или камерна претстава беа направени и како театарот да ни е на годишен одмор.

– Театарот е жилава институција и форма. Тој е како вода, како песок кој поминува низ прсти. Никогаш нема совршени услови за правење театар. Тој е нешто што се живее, не се чека да дојде некој и да ни каже ајде сега правете. Сум работел во ладни хангари, во Домови за култура, на улици и плоштади, во национални тетари со совршени услови. И да сум жив и здрав ќе продолжам да го работам каде било и кога било. Многу би сакал да ја поставам драмата на Горан „Демонот од Дебар Маало“ – приказна за еден човек кој по долги години се враќа дома и не го препознава градот. Сè е променето и девастирано. И решава да ги врати работите на свое место. Како еден македонски Бетмен.

Сподели