Не е лесно да се пробиваш во професија во која доминираат родени говорители на англискиот јазик кои секогаш имаат предност, вели Поповски-Голубовиќ

Кога добив известување дека сум следен потпретседател и претседател на ИАТЕФЛ не можев да поверувам. Еден професионален сон е остварен, вели Александра Поповски-Голубовиќ, професорка по англиски јазик и книжевност и досегашна претседателка на ЕЛТАМ МК. Пред неа се четири години во едно од двете светски здруженија за наставници кои го предаваат англискиот како странски јазик. Вели дека не е лесно да се пробиваш во професија во која доминираат родени говорители на англискиот јазик кои секогаш имаат предност. Сепак, со многу труд, вложување во сопствен професионален развој таа успеа да стане првиот човек од Балканот на раководната позиција на ИАТЕФЛ.

Поповски-Голубовиќ е родена и порасната во Сараево, Босна и Херцеговина, но кога почнала војната во април 1992 година, по извесно време, со родителите и постарата сестра дошле во Македонија. Од 2000 година е активен член на ЕЛТАМ МК. Од 2007 година била член на Извршниот одбор како Генерален секретар. Од март 2016 е претстадателка на ЕЛТАМ МК, а мандатот ѝ завршува на крајот на овој месец.

Избрана сте за претседателка на ИАТЕФЛ (International Association of Teachers of English as a Foreign Language) со седиште во Фавершам, близу Лондон, една од двете светски асоцијации за наставници по англиски, како странски јазик. Како ја добивте оваа престижна функција?

– Мојата прва конференција на ИАТЕФЛ беше во 2011 година. Се одлучив на таков чекор бидејќи сакав да видам како функционира едно големо меѓународно здружение. Уште кога пристигнав на регистрација сфатив дека ова не е обична конференција и обично здружение. Се најдов лице в лице со професори по англиски јазик од целиот свет, професори од чии книги учев на факултет и сите тие со нивни предавања, дискусии ме инспирираа и поттикнаа да бидам активно вклучена во ИАТЕФЛ.

Александра Поповски-Голубовиќ

Во ноември 2016 година станав член на комитет на MaWSIG (Materials Writing Special Interest Group), дел од ИАТЕФЛ и потоа во 2018 станав и координатор на MaWSIG. Овие групи, вкупно 16, се фокусирани на одделни области во изучувањето на англискиот јазик (англиски за посебни цели, професионален развој, предавање англиски јазик на деца и тинејџери, итн.). Групите функционираат одделно, но сепак се надополнуваат едни со други. Во ноември 2021 година беше објавен повик за кандидатура за претседател на ИАТЕФЛ и после долго размислување одлучив да се кандидирам. Кога добив известување дека сум следен потпретседател и претседател на ИАТЕФЛ не можев да поверувам. Еден професионален сон остварен.

Какви ќе бидат Вашите обврски во наредните четири години?

– Како потпретседател на ИАТЕФЛ одговорна сум за издавачката дејност. Имаме месечни билтени, списание Voices кое излегува шест пати во годината и Conference selections за секоја конференција на кои работам заедно со членовите на Комитетот за издаваштво. Исто така, мораме да ја прегледаме и одобриме секоја публикација од тие 16 групи, SIGs.

Кога ќе ја преземам функцијата на претседател одговорна сум за сите тековни работи поврзани со ИАТЕФЛ, регистрирано како добротворно здружение и трговско друштво во Обединетото Кралство. Тоа значи дека сум инволвирана во секој аспект од работењето на ИАТЕФЛ заедно со другите одговорни лица – годишна конференција, избор на пленарни предавачи, водење на состаноци, креирање политики итн. Ова е многу одговорна и сериозна позиција и се надевам дека ќе можам да се справам со сите предизвици.

Вие сте прва од Балканот што ја добива оваа позиција. Што е потребно за да се стигне до тука?

– Потребно е многу труд, вложување во сопствен професионален развој, финансии со оглед на тоа дека сите конференции на кои учествувам ги финансирам со сопствени средства. Неколку конференции беа поддржани со мал придонес на македонскиот ЕЛТАМ. Долго време градев мрежа на професионални контакти и мило ми е што можам да кажам дека голем број од тие професионални контакти ми станаа и пријатели. Исто така потребно е да имате „дебела кожа“ бидејќи не е лесно да се пробиваш во професија во која доминираат родени говорители на англискиот јазик кои и со и без квалификации имаат предност пред нас.

Често сум била предмет на дискриминација поради моето потекло, но никогаш не сум дозволила тоа да ме демотивира. Напротив, бев уште поупорна да покажам дека нечие потекло не е релевантно кога станува збор за професионална работа и однос.

Професорите по англиски јазик од нашиот регион, од Балканот се исклучително квалитетни со високо познавање на јазикот и сè она што е потребно за да обликуваат млади умови. Една од причините зошто одлучив да се кандидирам е што сакав да покажам дека моето потекло не ме дефинира како професионалец. Ме дефинира мојата работа, мојот професионален однос и комуникација, желба за унапредување на образованието во С Македонија и пошироко. Една од темите за која често зборувам на конференции и настани за професионален развој е за опасноста на само една приказна бидејќи сите ние имаме и сме повеќе од една приказна.

Каква шанса дава ова за наставниците во нашата земја и регионот и во однос на наставниците и во однос на програмите за изучување на англискиот јазик?

– Со оглед на тоа дека долго време работам како обучувач во земјава и во странство, мислам дека контактите што ги остварувам може да придонесат многу. Како член на Извршен одбор и потоа претседател на ЕЛТАМ МК имав можност да организирам 11 меѓународни конференции на кои зборуваа светски познати предавачи, а сè со цел да им се овозможи на нашите наставници да слушнат за најновите трендови во наставата по англиски јазик. Имаме голем број на учесници од земјите од регионот и пошироко кои сакаат да ги споделат своите искуства и знаења. Како претседател на ИАТЕФЛ, секое здружение, организација, институција може да ме покани да држам предавања и го правам тоа со големо задоволство.

За жал, единствени кои не го препознаваат квалитетот на ЕЛТАМ МК, на нашите наставници и мојот квалитет се токму оние кои се одговорни за образованието и креирањето образовни политики. Ниту еден министер за образование не поканил претставници од здруженијата да разговара со нив, да види што навистина се случува, какви ставови и мислења имаме. Ниту еден претставник од кое било здружение не е вклучен во работни групи за изработка на програми или за било што поврзано со наставниот процес ниту пак се консултирани здруженијата. Не зборувам за тоа дека во тие групи нема членови на здруженијата, можеби има, но здруженијата не се поканети да учествуваат и/или придонесуваат на каков било начин.

Секогаш велам дека тоа што некој е наставник не значи дека е стручен за пишување програми, учебници итн. За такво нешто се потребни други квалификации, знаења, вештини. Треба уште многу да се работи и менува, но од професионалци обучени токму за тоа – подобрување и унапредување на наставата по англиски јазик, а и другите предмети.

Наставниците треба и мора да вложуваат во сопствен професионален развој, да членуваат во професионални здруженија, да учествуваат во обуки, без оглед дали се организирани од МОН и БРО, бесплатни или со вложување на сопствени средства. Ние сме доживотни ученици и треба да им покажеме на нашите ученици дека учењето е дел од нашиот живот исто како и нивниот.

Македонија е една од малкуте земји во светот каде англискиот јазик е 100% вклучен во образовниот процес. Колку Македонците го владеат во суштина јазикот?

– Мислам дека познавањето на англискиот јазик е на исклучително високо ниво. Голем број пријатели од други држави се изненадени кога ќе влезат во продавница, ресторан, фирма и секој или скоро секој знае англиски, кој повеќе кој помалку, но може да оствари комуникација. Особено им е интересно кога ќе застанат деца, млади луѓе да ги прашаат за насока и секогаш добиваат одличен одговор на англиски. Но, сметам дека сè уште има простор за подобрување на процесот на предавање и учење англиски јазик.

Потребни се обучени наставници, обучени за теми и вештини што им овозможуваат на нашите деца да станат конкурентни на пазарот на трудот. Иако се изготвени нови програми по англиски јазик за основно и средно образование сепак недостасуваат одредени работи што во моментот се тема на дискусии и предавање на голем број стручни конференции.

Што по завршувањето на мандатот. Има ли ИАТЕФЛ систем како да напредувате уште повеќе?

– Искрено не знам што по ИАТЕФЛ. Како поранешен претседател на ИАТЕФЛ можам да бидам Амбасадор на ИАТЕФЛ и да го промовирам здружението на секој можен начин. Во моментот размислувам само за тоа што можам да направам додека сум претседател, потоа ќе видиме. Во секој случај, ќе продолжам да бидам активно вклучена и во ЕЛТАМ МК и во ИАТЕФЛ за да помогнам во унапредувањето на нашата професија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.