Албанскиот театар со најголем буџет, во МНТ по 9 години ќе режира Унковски

Режисер, чија работа најмногу ќе биде поддржана годинава, односно ќе направи најмногу претстави е Ќендрим Ријани, кој има дури четири проекти – три во националните театри и еден во независната сцена

Девет години откако ја постави „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, легендата на македонскиот театар Слободан Унковски повторно ќе режира претстава на сцената на Македонскиот народен театар. Овојпат тоа ќе биде „Зимска бајка“ од Вилијам Шекспир. За проектот се одобрени 4 милиони денари од буџетот за култура, со што ова ќе биде најскапиот проект од драмската програма за 2022 година. Резултатите пред два дена ги објави Министерството за култура. Еден милион денари помалку ќе добие проектот во чест на Горан Стефановски, што во Драмски театар веќе го поставува Бранислав Миќуновиќ од Црна Гора, а премиерата се очекува на 27 март.

Слободан Унковски

Иако МНТ ќе ја има најскапата претстава во македонскиот театар годинава, Албанскиот театар од Скопје ќе има најголем буџет од сите национални театри за реализацијата на програмата во 2022 година – вкупно 7.600.000 денари за работа на претстави, од кои 800.000 денари се наменети за материјални трошоци за одржување. За толку помалку изнесува буџетот на МНТ, односно вкупно 6.800.000 денари.

Едвај по некој нов македонски драмски текст  

Што ќе може да гледа македонската публика во оваа година? По две сезони во кои националните театри главно поставуваа камерни претстави, годинава се во најава и неколку поголеми проекти. Вкупно 63. 287. 000 денари се предвидени за драмската дејност, каде се одобрени 68 проекти. За проектите од драмската дејност одлучуваше комисијата во состав: Синоличка Трпкова, претседател, Мирјета Фејзулаху и Тодор Кузманов, членови.

Во МНТ ќе работи Бесфорт Идризи, кој ќе ја постави „Лагата“ од Флоријан Зелер, со 1 милион денари. Од буџетот 600.000 денари се одвоени за „Хенг инг Араунд“ на Љупчо Јованов, во режија на Бојан Трифуновски. За материјални трошоци годинава за МНТ следуваат најмногу од сите театри – 1.200.000 денари.
Освен претставата посветена на Горан Стефановски, во Драмски во најава се претставите „Така зборуваше Гертруда“ на Миа Николоска, во режија на Ангелчо Илиевски, со буџет од 900.000 денари и „Дома“ на Људмила Разумовскаја, во режија на Иван Манасковски (800.000 денари). Теа Беговска ќе ја постави „Версинаж“ од Вацлав Хавел (400.000 денари).

Националната драматургија и годинава е во трагови, односно едвај ја има – во Драмски ќе биде поставен текст на Миа Николовска, во МНТ текст на Љупчо Јованов ќе го постави Бојан Зафировски и во Тетовскиот театар ќе биде поставен текстот „Чудесниот магионичар“ на авторот Левко Богдановски.

Народниот театар од Битола одлучи да направи програма со режисери гости Иван Пеновиќ од Хрватска („Татко на татковината“), како и Себастијан Хорват од Словенија („Медеа“, по текст на Милан Рамшак Марковиќ). Премиера треба да имаат и на „Демони“, претстава започната минатата година, а ќе биде заршена годинава. Во Турскиот театар од Скопје најскап проект ќе биде „Процес“ од Кафка, во режија на Џабир Доко. Следуваат „Бела фигутра“ во режија на Ирена Стеријовска и „Галеб“ на Нела Витошевиќ.

Албанскиот театар за деца и млади од Скопје, формиран во декември 2019 година, има вкупно 2.600.000 денари, сосе материјални трошоци за одржување на театарот.  Театарот за деца и младинци од Скопје со 3.200.000 денари ќе  ја реализира својата програма. По 1 милион денари ќе добијат фестивалите: „Стоби“, Битола Шекспир фестивалот, Денови на комедијата, Театарот за деца и младинци ќе го организира фестивалот за деца „Игор Маџиров“.

Сите театри генерално имаат помал број претстави. Ако некогаш МНТ, Драмски имаа по најмалку пет претстави годишно, сега се едвај по три до четири, а помалите театри – по две. Тетовскиот театар годинава ќе има 4.600.000 денари за да реализира три претстави. Исто толкав буџет за работа има и Центарот за култура во Куманово, каде се одобрени две претстави на македонски и три на албански. Најмалиот од националните театри – Гостиварскиот (основан во 2018 година), ќе има на располагање 3 милиони денари. Велешкиот театар има 2 милиони денари, Срумичкиот – 2.550.000 денари, а Штипскиот – 2.510.000 денари.

Ќендрим Ријани

Режисер чија работа најмногу ќе биде поддржана годинава, односно ќе направи најмногу претстави е Ќендрим Ријани, кој има дури четири проекти – три во националните театри и еден во независната сцена. Во Битолскиот театар ќе ја работи „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт (претстава за која се одобрени (1.400.000 денари), во Театар „Комедија“ – „Жени во народно собрание“ (1.500.000 денари), Албански театар – „Три сестри“ – 1.700.000 денари, а доби и еден проект во независната сцена – за претставата „Осамениот запад“, на “Zaja-art1 produkcion” од Скопје.

МОТ со помал буџет

Во однос на театарските фестивали, најголем буџет ќе има македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со 2,419,595 денари, следува 16. издание на фестивалот „Скупи“ (2,347,007 денари), додека Млад отворен театар кој има традиција од 47 години, ќе има 2,298,615 денари, што е еден од најниските буџети што го добил во последните неколку години. Здружението „Отхело“ ќе добие солидна сума од 2,226,027 денари за да го реализира својот меѓународен фетивал „Отхело“.

Во однос на капиталните инвестиции од областа на театарската дејност, и годинава ќе продолжи изградбата на Турскиот театар во Скопје, Театарот и библиотеката во Тетово, ќе се инвестира во театарот во Струмица, во Куманово, во Прилеп.

Во години кога пандемијата влијае и на буџетите за култура, имаме намален број претстави, можеби треба да постои една размисла, консензус меѓу националните театри предност да добиваат режисерите и авторите од домашната сцена, да им се даде можност да создадат нови дела, а помалку да се канат гости од надвор. Речиси без исклучот, гостите секогаш чинат поскапо, а имаме режисерски имиња кои со години не добиле проект на сцената на некој од националните театри.

Насловна фотографија: Сцена од „Јазли“ на Албанскиот театар

Сподели