И малата идеја може да направи големи промени! Активисти собраа 170 тони отпад во Македонија

За секои 10 килограми отпад Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе донира по едно дрво што ќе бидe засадено во област каде ќе расте шума

Повеќе од 175 тони ѓубре се собрани во акцијата „Генералка викенд – За чисто како дома исто“ што се одржа во повеќе градови во Македонија. Околу 1.000 учесници собираа отпад на повеќе од 70 локации во 10 општини. Под мотото дека и малата идеја може да направи големи промени, ако почне да се работи на неа, Гордана Софија и Ханес Јаецкл од „Мен енд маунтен“ кои ја организираа акцијата велат:
– Ова е најголемата акција за чистење и селектирање отпад во историјата на нашата земја!

Ова е прв дел од еколошката акција наречена „Зелена сончева“. За време на „Генералка викенд“ помеѓу 6 и 16 мај граѓаните и локалните комунални претпријатија во десет општини селектирале отпад во нивната околина. Подоцна отпадот бил собран, измерен и рециклиран од „Пакомак“.
– За секои 10 килограми отпад Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе донира по едно дрво, една садница, што ќе бидат засадени во област каде ќе расте шума – велат организаторите.

Точната локација на шумата наречена „Сончева гора“ каде ќе бидат засадени дрвјата ќе биде соопштена летово, а ќе биде спроведена во ноември, како втор дел од еколошката акција.

– „Зелена сончева“ треба да прерасне во национална традиција. Секоја пролет ќе биде одреден викенд кога граѓаните ќе ја чистат нивната околина од отпад и за секои 10 килограми отпад секоја есен ќе биде засадено по едно дрво – велат организаторите.

Во првиот дел од годинашната акција учествуваа 1.000 членови на невладини организации, спортски клубови, училишта, градинки, еколошки здруженија, вработени во општините, „сончеви пионери“ и претставници од „Мен енд маунтен“. Тие собираа отпад на повеќе од 70 локации во Дебар, Демир Капија, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Штип, Струмица, Охрид и во Велес. Собрале: 5.350 кг. пластика, 3.955 кг. хартија, 73 кг. лименки, 2.038 кг. стакло, 360 кг. електронски отпад, 163.405 кг. комунален отпад.

– Секој учесник, од дете до возрасни, собра во просек 11,8 кг. отпад со своја рака! Армијата заедно со општините, невладините организации и спасувачките екипи собраа повеќе од 726 m³ разновиден отпад со просечна проценета тежина од 225 кг. по m³ – велат организаторите.

Следната „Генералка викенд“ ќе се случи во мај идната година. Целта е акцијата да премине во традиција за подигнување на еко-свесноста кај граѓаните и еколошка обнова на земјата.

 

Сподели