„Акрилен јубилеј“ е насловена самостојната изложба на Дејвид Стоилковски што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Тој всушност изработи мурали на галеријата со која објектот ќе добие нова уметничка димензија.
– На надворешните ѕидови од галеријата се изработени мурали, така што објектот нема да биде само изложбен простор, туку и активно уметничко дело во јавен простор. Наместо класична поставка внатре, Стоилковски го користи надворешниот простор на галеријата како медиум за своето творештво. Галеријата станува комуникациска точка, инспиративен простор и жива површина што ги повикува минувачите на уметничко доживување – велат од Центарот за современи уметности.
Дејвид Стоилковски е дипломирал графика, а магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е активен уметник кој се занимава со изработка на мурали и слики, со специфичен стил кој се движи помеѓу реализам и фотореализам, со нагласена фигурација.
До денес има реализирано над 80 мурали, главно во неговиот роден град Куманово и во други градови низ Македонија, но и во САД, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Австрија и во Црна Гора. Неговите мурали се разновидни по димензија – од мали површини до цели фасади на станбени згради.
Во полето на изложбената дејност, Стоилковски реализирал две самостојни изложби и учествувал на многу групни претставувања во земјава и во странство. Покрај својата уметничка работа, Стоилковски е и еден од организаторите на „Графити фест – Куманово“, фестивал кој годинава се одржа по 7. пат.





