Некои од моите најголеми успеси се национални македонски рекорди во дисциплините 50 метри, 100 метри и 200 метри градно – вели Сара Јанковиќ (15) од Скопје
Сара Јанковиќ од Скопје пред некој ден наполни 15 години, седма година по ред плива во ПК „Скопје“ и е една од најуспешните наши млади пливачки. Од натпревар во натпревар таа само нижи успеси, во различни категории. Минатата година го сруши националниот рекорд во 1.500 м слободен стил во нејзината возрасна категорија. Во последните неколку месеци се закити со десетици медали на купови во Македонија – пехар за најдобра во својата категорија (14-15 години) и пехар во апсолутна категорија на „Делфин куп“, а највреден резултат по ФИНА бодови – Младост куп, а освои и прво место во далечинско пливање – 2.5 км. Нејзин тренер е Иван Банов.

Таа вели дека не е едноставно да се координираат обврските на училиште и спортот, но кога добро се планира времето и се има желба, се е изводливо, вели деветтоодделенката Сара, која учи во ОУ „Петар Поп Арсов“. Таа тренира по девет пати неделно во СЦ „Борис Трајковски“, од еден и пол до два часа. Нејзини најсилни дисциплини се 400, 800 и 1.500 метри слободен стил.

– Некои од моите најголеми успеси се национални македонски рекорди во дисциплините 200 м градно, 50 м градно и 100 м градно. Рекордот е за мојата категорија, а и за постарата. Некои од тие рекорди се и 30 години стари и јас сум успеала да ги бутна – вели гордо Сара.
На прашањето што и е најубаво во овој спорт, таа вели дека тоа е дружбата, но и чувството секој ден да оди на базен, да тренира, да се дружи.
-Чувството после тренинг е многу убаво. Јас сум свесна колку спортувањето посебно влијае врз менталното и физичкото здравје.
Нашата млада шампионка има навика и да штеди. Таа сака да придонесе колку што може за своите спорски активности – кампови, натпревари…
Сара би сакала да учествува на олимпијада, на европски првенства, да освојува медали. Учествувала и на трки во трчање, учествувала и на еден триатлон, а има време и за дружење со своите врсници.
– Имам голема поддршка од дома. Секогаш ми помагаат. И да не е најдобар резултатот, пак ме поддржуваат, не ми прават да се чувствувам неубаво. И блиските надвор од дома, на школо, секогаш ме прашуваат и ми честитаат за успесите – вели Сара.
Вели дека ѝ е многу важно прво самата на себе да си дава поддршка и ментално да биде силна додека плива на натпревар. За време на трката, најмногу е фокусирана на самата трка.

– Немаме многу време исправувања на грешки во трките. Јас се бодрам да дадам се од себе и иако ме болат мускулите, рацете, нозете ми откажуваат, пак се напрегам да дадам се од себе. Ако не веруваме во себе, нема многу да постигнеме – вели Сара.
Таа ги советува идните пливачи да почнат со пливање што помали.
– Сакам да им порачам, да одат често, да не се под стрес, да го сакаат спортот, да имаат желба за пливање





