Уште пред да матурира знаел дека стекнатите знаења и вештини во математиката ќе може да ги усовршува само на едно место – Институтот за математика при ПМФ
„Математиката е многу повеќе од само бројки. Таа е начин на живеење во секој аспект од секојдневието“, вели младиот актуар, 27-годишниот Мартин Сталевски од Скопје. Што значи оваа професија, зошто е дефицитарна, каков потенцијал има? Денес дипломираниот математичар – инженер по математичка економија на Институтот за математика при Природно-математички факултет во Скопје стекнатото знаење го применува и надоградува во осигурителниот сектор. Вработен е во Халк Осигурување АД Скопје како соработник за актуарски работи во Дирекција за актуарски работи и управување со ризици.
Приказната на Мартин почнува во скопската населба Ново Лисиче. Основното образование го завршил во „Лазо Ангеловски“, а продолжил во гимназијата „Георги Димитров“. Имал среќа да учи во солиден клас во кој што постојано бил мотивиран да се натпреварува со соучениците, да го надоградува знаењето надвор од границите на училишните книги. Учел во германска специјализирана паралелка во која се стекнал со високо и стручно ниво на знаење од областа на германистиката. Како дел од природно-математичката паралелка ги проширил своите математички видици. Институтот за математика при ПМФ било логичното решение каде ќе го надградува своето знаење.
Мартин Сталевски
– Математиката за многу ученици е вистинска главоболка, но за мене беше и сè уште е вистински предизвик од кој можам многу да научам за животот. Мојот интерес за математика потекнува уште од основно училиште каде имав наставничка која користеше одлични методи за изучување на материјата. Еден од нив беше при секоја точно решена задача ученикот добива петка во тетратка, а со вкупно сто добиени петки во тетратка се добива петка во Дневник. Друг метод беше избирање на неколкумина ученици кои доколку се оценети со пет добиваат чоколада, во спротивно купуваат чоколада на тие што добиле пет. Овие примери ми останаа врежани во сеќавањето и постојано се навраќам на нив. Чест и задоволство ми е што сум имал можност да учам на вистинскиот начин, кој придонел предметот да ми стане омилен. Би сакал сите ученици да имаат наставници и професори по математика какви што имав јас – вели Мартин.
Побарувачката за оваа професија е навистина голема
Уште пред да матурира знаел дека стекнатите знаења и вештини во математиката ќе може да ги усовршува само на едно место. Со нетрпение чекал да се запише на Институтот за математика, во најстарата научно-наставна установа во државата која подготвува кадар од областа на математичките науки.
– Имав можност да учам од врни професори и научници кои имаат стекнато високо професионално знаење и искуство во самата наука. Одлуката за студирање на Институтот за математика денес ми отвори многу врати, широк спектар на работни места и ми донесе сигурна и стабилна иднина. Бројот на математичари – инженери на пазарот на труд е прилично мал, па затоа побарувачката за оваа професија е навистина голема. Како што технологијата напредува, така и потребата од актуари, аналитичари и статистичари е сè позначајна и поголема – вели младиот актуар.
Мартин е дециден дека првите впечатоци од бруцошките денови никогаш не се забораваат. Доза на трема, импресионираност, страв од нови предизвици, одговорности и очекувања, нова средина, нови професори и запознавање со нови колеги се дел од првите впечатоци… На почетокот на студирањето биле триесетина студенти на Институтот за математика. Наишле на професионален, но истовремено и пријателски однос со професорите и асистентите.
– Во секое време имавме можност да се консултираме за предметите и да добиеме дополнителни информации за сè што не интересираше околу студирањето. Нивната посветеност, искреност и трпеливост кон нас студентите ми остави силен впечаток согледувајќи го ефективниот начин на учење и совладување на една наука. Чест и задоволство е да се студира на Институтот за математика, да можам би се вратил уште еднаш во студентските клупи – вели тој.
Што значи професијата актуар?
Како личност која по природа сака да врши анализи, да истражува, да наоѓа соодветни решенија на математички и практични проблеми, од сите понудени насоки, најблиска до неговите интереси му била насоката математичка економија. Содржината и наставните методите на студентите им овозможуваат стекнување широки знаења од областа на математиката со акцент на содржини кои се применуваат во областа на економските науки.
– Целта на оваа студиска програма е создавање експерти способни да решаваат сложени математички проблеми од областа на банкарскиот и осигурителниот сектор, во берзански и брокерски компании, при управување со пензиски и здравствени фондови, во јавни управи и агенции. Студентите се оспособуваат за решавање недетерминистички проблеми (со помош на теоријата на веројатност и статистика) и за решавање на детерминистички проблеми (со помош на методи од оптимизација и операциони истражувања) – вели Сталевски.
Според него, нема едноставно објаснување на терминот актуар. Најблиску до описот е: „Личност која решава проблеми за кои не сте знаеле дека ги имате на начини кои не ги разбирате и личност која прави прецизни нагаѓања врз основа на нереални податоци обезбедени од оние со сомнително знаење“.
– Актуарството е сериозна и одговорна професија во осигурителниот, но полека и сигурно навлегува и во банкарскиот сектор. Актуарот е стручно лице кое поседува знаења од областа на економијата и статистиката. Применува аналитички и деловни вештини при анализа на финанските последици од непредвидливите настани и ги проценува тековните ризици разгледувајќи минати искуства. Во нашата земја бројот на овластени актуари е прилично мал и изнесува околу триесет. Најголем предизвик на актуарската професија е креирање на соодветни математички модели за проценка на неизвесноста и управувањето со ризици кои ги преземаат осигурителните компании – објаснува Мартин.
Математиката е многу повеќе од само бројки
Според Сталевски, примената на математичките методи во економијата и анализирањето на проблемите од математички аспект овозможува донесување на попрецизни, јасни и точни тврдења во спроведување на одлуките и остварување на економски резултати. Дипломираните математичари – инженери по математичка економија можат да се вработуваат во банкарскиот и осигурителниот сектор, брокерските куќи, пензиските и здравствените фондови, во јавни и приватни установи, како актуари, статистичари, аналитичари, консултанти и истражувачи на пазарот.
– Благодарение на одличните професори кои се со долгогодишно искуство во науката и образованието се стекнав со врвни знаења и вештини, аналитичко, апстрактно и логичко размислување кои ми овозможија полесно решавање на сложени математички проблеми од областа на осигурителниот сектор. Со стекнатото знаење од областа на математиката, основни познавања од информатиката, економијата и финансии добив одлична основа за да се вклопам во актуарската професија и да се надоградувам во истата – вели тој.
Мартин топло им порачува на сите матуранти да се запишат на Институтот за математика особено ако математиката им е силна страна.
– Било кој ученик, колку и да има основа и предзнаење, врвните професори и асистенти ќе го подготват на вистински професионален начин овозможувајќи му сигурен кариерен пат и солидна заработка. Математиката е многу повеќе од само бројки, таа е начин на живеење во секој аспект од секојдневниот живот – завршува тој.