„Ако државата не може, ние можеме“: Македонија на нозе за Леонид Индов

Откако Фондот за здравствено осигурување донесе одлука дека не посојат законски можности државата да го плати неговото лекување во Австрија, донаторски акции се организираат на секој чекор

Судбината не му беше наклонета на младиот Леонид Индов, талентиран средношколец во Математичко-информатичката гимназија во Скопје кој лани со своите другари изработи апликација што го анализира и проучува движењето на Меѓународната вселенска станица и го освоија првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge. Трагедијата што го снајде Леонид на летниот одмор во Грција го закова во кревет, без можност да ги движи рацете и нозете, а во моментот дише со помош на респиратор. Неговата несреќа ја крена Македонија на нозе откако Фондот за здравствено осигурување донесе одлука дека не посојат законски можности државата да го плати неговото лекување во Австрија, иако пред две недели придружуван со цел лекарски тим, беше пренесен со медикоптер на лекување во Виена.

Бранко и Леонид Индови / Фото: принтскрин, извор: „Сител“

Образложението на ФЗОМ е дека услови за лекување на вакви пациенти има и во здравствените установи во Македонија, па Законот ја обврзал комисијата да донесе ваква одлука. Таткото на Леонид, Бранко Индов неколку дена објаснува во медиумите дека ќе ја обжали одлуката и ќе бара мислење од второстепена комисија:

– Која е таа устанива која може да се грижи за вакви пациенти, каде да го однесам, во Катлановска бања, во Дебарски бањи?! Детето мора да се лекува со специјални методи за одвикнување од респиратор. Успеавме да најдеме само два центра што лекуваат со овој метод, едниот во Швајцарија, другиот во Австрија. Лекувањето во Швајцарија беше прескапо, за Австрија успеавме да собереме дел од парите. Од Виена дојде лекарка на почетокот на јануари, го прегледа Леонид и даде оптимистичко мислење дека состојбата може да му се подобри. Очекуваме поинако решение од второстепената комисија – изјави Индов за телевизијата „Сител“.

Фото: принтскрин, извор: „Сител“

Семејството доби правна поддршка и од Народниот правобранител додека цела Македонија донира:

„Ајде другари, ако не може државата, можеме ние. 140.000 евра се потребни за лекувањето на Леонид Индов во Виена. 86.800 луѓе (или само 4,5 отсто од популацијата) треба само по еднаш

да свртат на следните броеви: Т-мобиле: 143 118 А1: 143 500“ се пораките кои се шират на социјалните мрежи.

Донираат сите. Графичарката Софија Семенпеева за кратко време продаде свое дело, а за уште пократко време и првата графика на нејзината мала ќерка. Модната дизајнерка Силвија Михајловска напиша:

„Другари да бидеме хумани, за Лео! Со директна уплата на сметката за лекување на Леонид Индов симболични 2000 денари ја добивате оваа Алшар креација од последната колекција“.

Донаторска акција организираат студентите на Факултетот за драмски уметности во Скопје кои го посветија месецот февруари на Лео. Секој петок ќе има претстава или проекција на филм, музика. Парите кои публиката ќе ги донира се наменети за Леонид. На Академската сцена на ФДУ утревечер во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, а по филмот следува сет на диџеј Гоце Саф и Чваре.

Во хуманитарната акција се вклучи и Град Скопје. Во сите 50 градски јавни претпријатија, градски јавни установи и средни училишта од денеска се собираат пари за лекување на Леонид. Утре во 12 часот во средното училиште „Георги Димитров“ ќе се одржи голем хуманитарен базар на рачни изработки од средношколци од сите 23 средни училишта во градот.

– Скопје е град на солидарноста, хуманоста и грижата, за доброто на нашите деца и за најранливите категории граѓани на кои сме им најпотребни – велат од Градот.

Ова се само мал дел од акциите што се спроведуваат организирано веќе неколку месеци или се самостојни донации. Другарите на Лео веќе половина година ги гледаме низ Скопје на секој концерт, манифестација, во супермаркетите. Со насмевки на лицата и кутии во рацете трпеливо стојат со часови, ја раскажуваат приказната за Лео и собираат донации за својот другар.

Донирајте за Лео:
Јавување на телефонските броеви (100 денари од јавување):

Т-мобиле: 143-118
А1: 143-500

За уплата од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ Банка
За уплата од странство: IBAN: MK07210501567799991, SWIFT: TUTNMK22, NLB BANKA AD SKOPJE

Сподели