Ана Франговска, кустос-советник и одговорна за проектот тврди дека се нафатила да работи со реномираниот уметник од Албанија иако користела годишен одмор. Директорот Али Синани во 5 до 12 го одложил неговото доаѓање
Три историчарки на уметност, искусни кустоси со реномирани биографии кои со години работат во Националната галерија на РС Македонија и беа противкандидати на новиот директор на Галеријата, Али Синани, тврдат дека веќе се соочуваат со реваншизам затоа што гласно зборуваат за состојбите во институцијата. Според Маја Неделковска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска, изборот на директорот е политичка одлука, што не смее да се дозволи во културна институција од национално значење. Тие се категорични дека понудиле многу подобра програма за работа и развој на институцијата во наредните четири од програмата на избраниот директор. Дополнително, поради нивниот домашен и меѓународен углед, велат дека се далеку посоодветен кадар од Синани кој според неговата биографија се занимавал само со ликовна и галериска дејност. Тие тврдат дека важни договорени проекти се прекинуваат, без соодветно образложение се менуваат членови на Управен одбор, а назначен е програмски раководител – позиција која не постои според систематизацијата во Галеријата.

Ана Франговска, Маја Неделковска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска (од лево кон десно) / Фото: Национална галерија на Македонија
Ана Франговска објаснува дека во првата недела откако Синани бил назначен за директор, откажана е договорената институционална посета на меѓународно афирмираниот уметник Адриан Паци од 21 до 23 јули, како дел од подготвителната фаза за неговата самостојна изложба предвидена во програмата на Националната галерија за 2026 година. Паци со потекло од Албанија, живее и работи во Милано, Италија и има импресивна меѓународна кариера. Поради тоа терминот за неговата посета бил договаран долго време. Франговска во тие денови користела годишен одмор, ги известила сите во Галеријата дека во деновите предвидени Паци да дојде во Скопје ќе си ја заврши својата задача, без оглед на годишниот одмор.

Адриан Паци / Фото: Принтскрин, извор: Јутјуб
Кога во 5 до 12 ù било наложено да ја откаже посетата, Франговска со официјално писмо го известила министерот за култура и туризам Зоран Љутков:
„И покрај фактот што сум на користење на годишен одмор, ја прифатив неговата временска понуда за посета во посочениот термин како единствено слободен во неговата многу густо испланирана агенда. Во координација со службите на Националната галерија и во согласност со поранешната в.д. директорка Маја Неделкоска-Брзанова, беа договорени сите логистички аспекти: хотелско сместување, транспорт (со опција за патување со автомобил поради немање директен авионски лет) и подготовка на работна агенда. Сè беше координирано согласно предадениот финансиски и оперативен план, со налози веќе проследени до сметководството.
На 18.07.2025 (петок) во 13.30 часот добив телефонски повик од раководителката на административниот сектор, г-ѓа Оливија Стоилкова, во кој ме информираше дека по налог на новоименуваниот директор, г. Али Синани, посетата на уметникот треба да се одложи за понатаму, бидејќи директорот има други обврски во договорениот термин. Го известив административниот сектор дека тоа е единствениот можен термин за уметникот и дека евентуално одложување може да резултира со целосно откажување на проектот. Побарав писмено образложение за причините за одложување, бидејќи ваквото постапување е крајно непрофесионално, особено имајќи го предвид целиот процес кој е веќе институционално активиран. До крајот на работниот ден (петок) не добив никакво писмено известување од кабинетот на директорот, иако во 16 часот одново потсетив дека мора да се испрати официјален допис до уметникот.“

На прашањето зошто е откажана посетата на Паци, Синани за Умно.мк вели дека не била откажана, туку само одложена.
– Ја пролонгирав затоа што одговорниот кустос за изложбата во тој период користеше годишен одмор. Јас имав други обврски и замолив да ја одложиме затоа што во оваа фаза не требаше да се реализира конкретна активност, туку да се договара проектот. Немаше никакви резервации ниту билети, ниту хотел, не требаше ништо да се откажува – објаснува Синани.

Али Синани (лево) / Фото: Национална галерија на Македонија
На прашањето зошто се одложувала посетата иако Франговска постојано била во комуникација со административците дека ќе работи на подготовките со Паци иако е на годишен одмор, Синани вели:
– Таа не ми се обрати и немав никаква информација. Бевме во таква ситуација, јас тукушто ја презедов функцијата и замолив уметникот од Албанија само да ја одложи посетата. Ако е светски уметник, треба да разбере. Ако тој не сака да дојде, има многу други светски уметници кои може да дојдат, на пример Саимир Страти кој држи неколку Гинисови рекорди – вели Синани.
(ПРОДОЛЖУВА)





