Македонското студио „Ви хаус анимејшн“ (V house Animation) го објави официјалниот трејлер на „Агент 203“, 3Д-анимирана серија целосно осмислена и реализирана од домашни креативци – од идеја, дизајн и моделирање на карактери, текстурирање, до режија. Наменета е за над 7-годиншна возраст, а ќе биде пласирана на светскиот пазар. Почетокот на емитувањето се планира напролет, идната година.

Ко-креатор и режисер на серијата е Дамјан Митревски. Покрај „Ви хаус“, копродуценти на проектот се „Тун ту танго“ (Toon2Tango), ТВ Мондо, Супер РТЛ и GmbH & Co. KG. Како соработници, на серијата се јавуваат и „Космос анимејшн“ (Cosmos Animation). Ќе се емитува на Супер РТЛ, а за натамошната дистрибуција дополнително ќе се разговара. Од „Ви хаус“ велат дека се планира и македонска нахсинхронизација за да може да ја види и домашната публика.

– Горди сме на неверојатните професионалци што работат на „Агент 203“. Оваа серија е уште една потврда дека во нашата земја имаме таленти и квалитетни професионалци кои може да понудат производ со светски квалитет. Сакаме да ги охрабриме младите да се насочат кон оваа релативно млада индустрија, со многу потенцијал – велат од „Ви хаус“.

Серијата се состои од 26 епизоди, а секоја ќе трае 22 минути. Главен лик во приказната е девојчето Зои, интергалактички вселенски агент. Заедно со нејзиниот партнер, вонземјанинот Улав и најдобрите пријатели, Зои се бори со негативците од вселената. Главниот негативец се вика Гор и неговата мисија е да ја украде магичната алка на Зои што ја добила во аманет од татко ѝ, кој исто така бил интергалактички агент и исчезнал во акција.

„Ви хаус анимејшн“ во своето портфолио има голем број проекти работени во соработка со светски познати продуцентски куќи, меѓу кои и „Пајни, осамената елка“ (Piney: The Lonesome Pine), „Тарзан и Џејн“ (Tarzan & Jane), „Елена од Авалор“ (Elena of Avalor), „Челичниот Макс“ (Max Steel) и други.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.