Две големи имиња на африканската музика, Бомбино и Би-Си-Ју-Си ветуваат беспрекорно фестивалско доживување на отворањето на 23. ОФФест, на 6 јуни во Националната опера и балет. Бомбино е еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“. Јужноафриканските ѕвезди Би-Си-Ју-Си се познати по својот афро-психоделичен транс и миксот од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет „Бои аки“, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супергрупа „Куту“.
Најголема ѕвезда на фестивалот годинава ќе биде Висенте Амиго, кој се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две „Греми“ награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, кое што му донесе светска слава и придонесе неговото име да стане референца за фламенко гитарата денес. Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, посочи дека немањето на летна сцена, публиката не може да го доживее фестивалот поопуштено.
– Периодот на одржување на ОФФест не е баш идеален со оглед на тоа што во тој период имаме веќе летни температури, а фестивалот се одржува во Националнат опера и балет и во Младинскиот културен центар без можност за концерти на отворена летна сцена која Скопје ја нема и без можност во концертите да уживаме танцувајќи со пиво во рака – рече Белопета.
Освен на хендикепите на нашата инфраструктура, тој се пожали и на немањето комплетна поддршка од македонските медиуми, од што ги исклучи порталите, како и на недоволните финансии, а се осврна и на македонскиот менталитет одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали барем еднаш некој од концертите ќе почне на време. Најавувајќи ги ѕвездите на ова 23. издание на фестивалот, Белопета проговори и за неизвесната иднина на овој, како и на скопскиот Џез-фестивал на есен.
Сепак, она од што тие како организатори и на двата фестивала не отстапуваат е нивниот базичен концепт – изборот на големи и актуелни ѕвезди на светската музичка сцена.
Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет „Волоси“ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем „Калата“, како и познатиот српски модерен етно колектив „Нејкид“.
Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора“ и „Агадез, музиката и отпорот“.
– Останува и нашата традиција секоја година да претставуваме и една македонска група која грижливо ја избираме да биде нешто што сметаме дека во иднина ќе може да си го најде патот за Европа и годинава тоа е бендот „Калата“ – најави Белопета.