900 деца учествуваа на „Мини трчај бе“

Повеќе од 900 деца од 4 до 12 години во различни возрасни категории си ги измерија силите на детската трка „Мини трчај бе“ која се организираше по втор пат, завчера во Битола. Децата се натпреваруваа во девет категории, трчајќи на растојанија меѓу 150 и 400 метри, под слоганот „Мали чекори за големи соништа“.

– Децата сакаат да трчаат, иако возрасните често велат: „Не трчај!“ Викендов тие мали чекори се претворија во големи соништа на патеката, докажувајќи дека секое дете е суперхерој во создавање – изјави Никола Димитровски, визионерот зад реномираната битолска градска трка „Трчај бе“.

Оваа трка на 22 септември ќе го има своето шесто издание, а целта на воведувањето на детската трка е да се негуваат новите таленти.

– Да не заборавиме што значи да се биде дете. Да им дадеме крилја и да ги поддржиме бидејќи тие се нашата иднината – рече тој.

Организаторот со поддршка на Атлетската федерација на Македонија на 12 основни училишта од градот и околината подари опрема за атлетика на 50 учесници од социјално ранливи семејства.

Примарната цел на детската трка е да се всади љубов кон физичката активност, да се постават лични цели и да се поттикне чувството на заедништво и достигнувања кај децата. Еден од најтрофејните атлетски клубови во Македонија со историски рекорди, атлетскиот клуб „Олимп“ формиран во 1960 година во Битола беше возобновен токму од организаторите на „Трчај бе“.

– Денес, новите спортски надежи на атлетиката од Битола никогаш не се враќаат од натпреварување без освоен подиум. Оттука детската трка е и замислена не само како натрпевар, туку како полигон за нови таленти и како прослава на нашите млади атлетичари и нивниот неограничен потенцијал. Сите победници на детската трка добија и бесплатно месечно членство во АК „Олипм“ – истакна организаторот.

Сподели