90 години од раѓањето на еден од најинвентивните македонски скулптори

Во подготовката на изложбата се вклучени семејството Маневски, Музејот на современата уметност од Скопје и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид

Јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“, еден од најинвентивните македонски скулптори ќе биде отворена во среда (23 април) во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Творештвото на Маневски е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура и дел од мисијата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници. Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова, а текстовите се на Викторија Васева-Димеска и Чанкуловска-Михајловска. Во подготовката на изложбата се вклучени семејството Маневски, Музејот на современата уметност од Скопје и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид.

– Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет – велат кураторите.

Започнувајќи ги својот творечки пат и креирањето, односно дефинирањето на својот препознатлив авторски израз на Академијата за ликовни уметности во Белград (која ја завршува во 1960 година, а подоцна и специјализира на истата академија во 1963 година) преку дела во кои е иницирано надраснувањето на академска пластичност. Раскинувањето со класичните поуки се надополнува со пројавени реминисценции кон архаичната пластика на старите народи со нивната тотемска идолатриска поедноставеност на формата, која сепак останува во доменот на асоцијативната фигурација во делата работени во гипс, со архаистична строга фронтална поставеност и расчленети површини. Строгата и нагласено вертикална моделација која постепено добива надреални белези, како навестување за понатамошните интереси на авторот.

Енформелистичките тенденции и доживувањето (и претставувањето) на егзистенцијалистичките немири и дилеми во уметноста се „совпаѓаат“ со почетокот на скулпторскиот израз во метал на Маневски. Почнува да ги користи изразните можности на металот критикувајќи го модерниот техницизам и цивилизациските придобивки, а металните отпадоци и апаратот за заварување беа главен негов реквизитариум во оформувањето на облиците, на објектите и во структурирањето на разиграните динамични површини. Кон крајот на седумдесеттите години, конструктивистичките преокупации на Маневски се насочени кон создавање творби кои се навидум вклопени во одредена рамка, но пулсирањето на скулптурите и/или нивните делови се базира врз мултипликација на еден брановиден линеарен мотив што ги потенцира спротивностите на материјалот, односно хармоничната испреплетеност на брановидните ленти. Последните скулптурални остварувања на Маневски се фокусирани кон егзистирањето на еден примарен брановиден облик со комплетно редуцирање (отфрлање) на сегментите со малите метални брановидни ленти.

Иако првенствено препознаван според скулпторската практика, Стефан Маневски негува особен интерес за цртежот и графиката, кои се исто така многу високо вреднувани. Со своите цртежи создава сложени асоцијативно-симболични опстановки. Неговата често композитна техника, во која цртежот како обичен потег на перото или на четката алтернира со боени плохи или колажи на колористички исечоци (обично исполнети со форми од светот на техниката и механиката), е погоден инструмент за такви настојувања.

Стефан Маневски е роден на 25 декември 1934 година во Скопје, од мајка Тана и татко Ристо. Во 1954 година го завршува средното образование во Средното уметничко училиште во Скопје. По две години се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломира во 1960 година. Уште како студент, во 1957 година ја добива првата награда, поточно III награда за скулптура на Универзитетскиот одбор на белградските студенти. Маневски во 1963 година ги завршил постдипломските студии на истата академија во класата на професорот Јован Кратохвил. Истата година се враќа во родното Скопје и се вработува како наставник по ликовно образование во ОУ „Кирил и Методиј“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во 1963 година и оттогаш започнува активно да твори и изложува. Во 1965 година, во Работничкиот дом во Скопје била отворена неговата прва самостојна изложба, куратор на изложбата бил Влада Урошевиќ. Сè поприсутен во уметничката јавност, Маневски освојува уште повеќе награди, меѓу кои во 1968 година ја добива наградата „11 Октомври“ за скулптура. Истата година во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) ќе биде отворена уште една негова самостојна изложба, за која Борис Петковски ќе напише: „Стефан Маневски припаѓа на оној дел на македонските современи ликовни уметници, во чие творештво се обликува една димензија од извонредна важност за нашата ликовна култура“. Починал ненадејно во Скопје на 12 јули 1997 година. Имал 62 години.

Сподели