„Преку езерото“ е насловен новиот Меѓународен филмски фестивал што неделава ќе се одржи во Дојран. Девет кратки филма од осум медитерански земји ќе бидат прикажани на фестивалот што ќе почне задутре, а ќе трае до 7 август. Во фокусот на фестивалот е медитеранскиот и европскиот филм и автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земији.
Во натпреварувачката програма се филмовите „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис од Грција, „Пресуда“ на Дора Јунг од Србија, „Марко“ на Марко Шантиќ од Хрватска, „Перики“ на Ангела Димеска од Македонија, „Виножито“ на Александар Вујовиќ од Црна Гора, „Криминалци“ на Серхат Караслан од Турција, „Што не знаеме за Маријам“ на Морад Мостафа од Египет, „Светиот син“ на Аљоша Масине од Италија и „Поглед од Балкон“ на Арис Капланидис од Грција.
Ќе бидат прикажани и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји. Мастерклас на тема „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“ ќе одржи Џон Стивенс од Англија. Филмовите ќе ги оценува меѓународно жири со кое ќе претседава грчкиот режисер Василис Мазоменос, а членуваат Гоце Кралевски, продуцент и Ева Камчевска, сценарист.