75 години од основањето на Институтот за историја на уметност и археологија

Со меѓународна научна конференција Институтот за историја на уметноста и археологија од денеска до петок ќе одбележи 75-годишен јубилеј. Конференцијата ќе се одржи во хотелот „Ла тераца“ во Дојран, а со свои научни трудови и истражувачки резултати ќе се претстават седумдесеттина учесници од 13 држави – Македонија, Словенија, Германија, Србија, Швајцарија, Франција, САД, Хрватска, Бугарија, Косово, Австрија, Црна Гора и од Шпанија. Сите низ годините не само што соработувале со Институтот, туку дале и значаен придонес кон истражувањето и презентирањето на македонското и поширокото, балканско, културно наследство. Конференцијата ја организира Филозофскиот факултет од Скопје во чии рамки работи Институтот.

– Целта на конференцијата е да се претстават трудови со најнови истражувачки резултати од доменот на двете научни дисциплини – археологијата и историјата на уметноста, да се разменат идеи и ставови во однос на актуелните проектни активности и да се воспостави основа за поефикасна и попродуктивна меѓународна соработка со идивидуи и високообразовни институции од странство – велат организаторите.

Институтот за историја на уметноста и археологија е еден од најстарите институти на Филозофскиот факултет при Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, иако изучувањето на историјата на уметноста и археологијата, како фундаментални научни дисциплини за човековото постоење и за неговиот креативен развој на Филозофскиот факултет во Скопје започнува уште со самото негово основање во 1920 година. Во таа најстара наставна програма биле вклучени курсеви од областа на византологијата, археологијата и древните уметности, со што се поставени темелите на проучувањата, планирањето, организирањето и реализацијата на наставно-научните дејности од областа на Историјата на уметноста и археологијата на ова тло. Шест години подоцна, во рамките на Филозофскиот факултет, издвоен е и посебен семинар за археологија и историја на уметноста.

По завршувањето на научната конференција ќе биде подготвен Зборник на трудови, со меѓународен уредувачки одбор. Покрај истражувачкиот и научниот карактер на конференцијата, таа ќе претставува и можност за промоција на Филозофскиот факултет како организатор, УКИМ како водечка високообразовна институција во земјата и Дојран како возможна и атрактивна туристичка локација за одржување на конференции, семинари и слични научни и едукативни активности. Целата програма на конференцијата на линкот.

Сподели