Детската куклена претстава „Силјан Штркот“ на куклената сцена во рамките на МНТ се смета за првата претстава на Драмскиот театар, одиграна прв пат токму на денешен ден во 1946 година. Во наредните 15-ина години, зародената куклената сцена се развива како самостоен театарски субјект надвор од рамките на МНТ, а потрагата и дефинирањето на конечниот концепт на театарското дејствување се пресликува и преку зачестеното преименување на институцијата: Куклена сцена (1949); Градски куклен театар(1949); Младински–куклен театар (1957/58) и Драмски театар Скопје (1965).

-75. роденден, за жал, не можеме да го наречеме среќен и да го прославиме на начин како што му доликува на Драмски: со сите актери на сцена, со цела техника, со полн салон, со аплауз. Но, со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, ние работиме и чекаме нашата енергија, талент и магија да ги споделиме со оние на кои им е наменет театарот – публиката! 75 години овој театар живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи – вели во својата порака Катарина Коцевска Хаџи Василева, директорка на театарот.

ДТС својата препознатливост на модерен/иновативен театар му ја должи на Ристе Стефановски, кој технички и уметнички го реорганизира (оформува две засебни сцени и тоа Младинската и детската сцена, додека во годината 1960, започнува со работа и вечерната сцена), стои во историјатот на Драмски театар.
Со изградбата на новиот засебен објект во 1965 година ДТС, театарот започнува интензивен развој и пробивање до самиот врв на европската театарска мапа и се вбројува во групата модерени/иновативени театарски институции, предвесници на нови стилско – естетски театарски правци и промотор на млади драмски автори и режисери, кои прераснуваат во имања достојни за почит.

Најстарата фотографија од Драмски театар

Амбициозниот и исклучително квалитетен актерски ансамбл во изминативе 75 години соработувал со режисерите: Слободан Унковски, Владимир Милчин, Љубиша Георгиевски, Александар Поповски, Сашо Миленковски, Нела Витошевиќ, Дејан Пројковски, Вилјам Вудман, Паоло Маџели, Мата Милошевиќ, Браун Кажимјеж, Миодраг Шаурек, Вито Тауфер, Бора Драшковиќ, Жарко Патен, Егон Савин, Красимир Спасов, Горчин Стојановиќ, Дино Мустафиќ, Владлен Александров, Лилија Абаџиева и др.
ДТС прераснува во една од најдобрите театарски институции во Европа, особено на Балканот, повеќекратно наградуван на театарски фестивали: Стериино позорје, МЕСС, БИТЕФ, Охридско Лето, Меѓународен фестивал на мали сцени.

 

 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.