Фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе започне вечерва во 2о.30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а ќе продолжи со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Фестивалот, кој ќе трае до 25 август, ќе пречека 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и регионот, а традиционално ќе започне во 10 часот со садење дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2025 година, истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка.
Фокусот на годинашното издание е Глаголицата. Токму затоа, за негова промоција подготвени се графички и видеосодржини, кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд, кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. По тој повод во 17.30 часот во хотелот „Дрим“ денеска ќе биде отворена и изложбата „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков.
На програмата се меѓународни поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Златен венец“, традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ за 2024 година и „Млада Струга“.
Новина годинава е враќањето на препознатливите содржини, како што се читањата кај споменикот на Свети Климент на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на „Свети Наум“. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
На 64. фестивалско издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња, а ќе бидат објавени и тројазична луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, како и други значајни публикации. Меѓу нив е и книгата на добитникот на награта „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на нашата најзначајна книжевна награда, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, на академик Катица Ќулавкова „Небото ми е дома“, која излегува во превод на англиски јазик.
СВП годинава објавува една ретка антологија „Дионис и свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, која ќе биде презентирана во соработка со стратешкиот партнер „Тиквеш“, како прилог во одбележувањето на 140 години од постоењето на оваа винарската визба.
Покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.





