Тамара Котевска, Теона Митевска, Ѓорче Ставрески, Даријан Пејовски, Вардан Тозија и 60-ина нивни колеги бараат од Министерството за култура да го повлече предлогот за кратење на средствата за филмска дејност во тековната година и да овозможи да се користат од посебната сметка на Агенцијата. Во спротивно, тие ќе ги блокираат проектите, револтирно реагираа вчера во јавноста. Доколку овие измени се изгласат во Собранието, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, зашто буџетите се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација. Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите, велат филмските продуценти, режисери.
– На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на проектите. Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции финансирани од национални европски фондови и „Еуримаж“ – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа – велат филмските професионалци.
Агенцијата за филм денеска соопшти дека се најавени два филма за снимање на локации во Македонија, а интернационалните екипи на земјите-учеснички кои се дел од овие проекти се веќе пристигнати во нашата држава.
– Финансиските средства кои се планирани за овие и останатите филмски проекти се потребни веднаш и не може да чекаат прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници и преземање на активности од страна на Министерството за култура до крајот на годината за исплата на договорените проекти. Доколку овие средства не се стават во функција на проектите како што е планирано и не се исплатат веднаш, се нанесува директна штета на самите проекти, бидејќи ќе се зголемaт буџетите изразено во илјадници евра и ќе се наштети реномето на македонската кинематографија – велат од Агенцијата.
Оттаму предлагаат заедно со Министерството да се разгледааат и ревидираат одлуките на за прераспределба на средствата од причина што во спротивно штетата би била од огромни размери за македонската кинематографија која моментално е наш најголем културен амбасадор.
Агенцијата за филм предлага да се изнајде трајно решение за да се спречи трендот на кратење на буџетот за филмска дејност поради кој во последните четири години буџетот за филмската дејност по основ на ребаланси е намален за 116.000.000,00 (сто шеснаесет милиони) денари и со тоа да изнајдеме системско решение за стандардизиран буџет за Македонската кинематографија.
Од Министерството за култура велат дека нема да има буџетско кратење, туку дека ќе бидат исплатени сите обврски кон македонскиот филм до крајот на годината. Тие апелираат до филмските работници да не потпаѓаат на шпекулации, на непроверени информации, невистини, манипулации и гласини.
-Во моментов во собраниска процедура е донесување одлука за прераспредeлба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување, Министерството за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм. Развојот на македонската филмска дејност во време кога македонските филмови и особено младите режисери остваруваат големи меѓународни успеси е еден од приоритетите на Министерството за култура. Агенцијата за филм има потишано договори за реализација на филмските проекти, а со тоа има преземено обврски кон бројни авторски тимови. Министерството за култура до крајот на годинава ќе ги сервисира сите потребни финансиски средства кон Агенцијата за филм, за истата да може непречено да ги извршува исплатите согласно своите договори – велат од Министерстворто.
Филмските работници посочија дека средствата им требаат веднаш, а не во декември, уште помалку следната година.
– Проектите кои се веќе во реализација и оние чие снимање е предвидено да започне овој период не може да го чекаат евентуалното враќање на одземените средства на крајот од годината. На тој начин, колегите кои ги водат и се ангажирани на овие проекти ќе бидат во неизвесност дали и кога ќе ги добијат финансиските средства. Постојат трошоци за непречена реализација на филмовите кои мораат да бидат исплатени во текот на снимањето. Без прецизна и навремена динамика на исплата на ваквите трошоци не може да се одвива снимањето на било кој филмски проект насекаде во светот. Дополнително потсетуваме, филмските работници живеат единствено од хонорари, никаде не се вработени и не примаат плата – револтирани се тие.