65 странци од 17 земји од светот ќе учат македонски јазик во Охрид

За првпат ќе бидат доделени награди „Воздејства“ – на академик Виктор Фридман од САД и на Максим Каранфиловски

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид денеска напладне ќе биде отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Под мото „Македонистички гордорек“ до 29 август, 65 македонисти од 17 земји од светот ќе учествуваат на најновото, збогатено издание на 57. Летна школа. Македонисти од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и од Чешката Република ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.

Кристина Николовска

На свеченото отворање пред публиката ќе се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на манифестацијата, а ќе присуствуваат министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерката за образование и наука, д-р Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова и директорката на Сминарот, Кристина Николовска. Во музичата придружна програма ќе настапат Драган Даутовски и Андријана Јаневска. Потоа ќе биде промовиран Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

За првпат годинава ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката. Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето, ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ за посебен придонес во афирмација на македонистиката на повеќе институции, компании и поединци.

Од минатогодишната посета на Античкиот театар во Охрид

Според Николовска, ова издани на Летната школа ќе има подновен концепт. Покрај редовна лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, од оваа година започнува амбиентална настава која ќе се одржува во срцето на Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава „По стапките на Свети Климента“ ќе ја одржуваат професорите Димитар Пандев и Кристина Николовска, започнувајќи од манистирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните Спомен-куќи на: Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во манастирот „Св. Наум“, и во поетска Струга во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до „Св. Наум“, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

– Програмата е извонредно богата и со културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и Курс по македонски народни ора. Од Преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности – вели Николовска.

На 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“. Годинава, на конференцијата ќа настапат 81 учесник, а на целокупната манифестација во Охрид, околу 150 македонисти ќе ја развивааат мисијата на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе бидат објавени два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција. Досега, на Летните школи учествувале повеќе од 4000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за Летната школа и конференцијата е сè поголем.

Летната школа се организира со поддршка од УКИМ, Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, и со други поддржувачи.

Фото: МСМЈЛК

Сподели