64 наслови од изданијата на СВП со одлука на Владата достапни до пошироката јавност

Вкупно 64 наслови од изданијата на Струшки вечери на поезијата со одлука на Владата ќе се дадат на трајно користење без надомест на други државни органи, правни лица основани од државата, здруженија на граѓани и фондации кои имаат потреба од нивно користење.

Поетскиот фестивал почна со дистрибуција на свите изданија до јавните установи по претходно спроведена постапка, во согласност со член 44 став 3 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

– По претходно спроведена јавна анкета, на установите што изразија заинтересираност за отстапување и трајно користење на изданијата на СВП, во соодветна постапка со владина одлука и по потпишување на договори за давање на трајно користење веќе почнаа да им бидат доставувани комплетите од изданијата на СВП – велат од фастивалот.

Голем број универзитети, библиотеки, центри за култура, средни училишта, институтите за македонски јазик и за македонска литература, Друштовото на писателите на Македонија и редица други установи ќе ги збогатат своите колекции со репрезентативните изданија на СВП во кои се вклучени добитниците на Златниот венец, добитниците на „Мостови на Струга“, преведените изданија на добитниците на наградата Браќа Миладиновци и останатите изданија од богатата издавачка дејност на Струшките вечери на поезијата.

– Со оглед на тоа дека авторските права за изданијата на СВП се добиени без надомест за изданија исклучиво во промотивни цели и со ограничен тираж, тие не смеат да бидат предмет на слободна продажба, така што со овој чекор се зголемува достапноста на изданијата на СВП до пошироката публика – велат од Фестивалот.

Намерата е ова да се воспостави како редовна пракса, а во скоро време се планира целосна дигитализација на целокупниот книжевен фонд на СВП со обезбедување на соодветна техничка опрема и обезбедување на авторските права со што ќе се овозможи достапност до домашната и меѓународната јавност.

Сподели