Владо Јовановски е актер кој во кадар може да чита од телефонски именик, а ние тоа да го доживееме како приказна, тажна и среќна во исто време. Владо Јовановски е она што на почетокот од ова патување наречено филм, од журналот го создало филмот, таков каков што го знаеме денес. Владо Јовановски е посебна, оригинална, неповторлива уметничка големина, и за наша среќа, актер во најдобрите години од својот живот од кого допрва ги очекуваме извонредните достигнувања на актерството во уметноста на филмот. Да е жив и здрав! – рече Мими Ѓорговска Илиевска, претседателка на Советот на филмскиот фестивал „Преку езерото“, на доделувањето на наградата „Мето Јовановски“ синоќа во Дојран. Владо Јовановски е првиот добитник на наградата за изворедно актерско достигнување во уметноста на филмот.
– Сè она што Владо Јовановски го прави различен од многу други актери, еднакво извонредни како него – е неговата посебност, неговата киногенија, неговото присуство во кадарот кое ве привлекува да го гледате дури и без да дејствува, без да збори, без да се движи, дури и без да трепка со очите вие сте ставени во ситуација да очекувате нешто да случи… – додаде Ѓорговска-Илиевска.
Синоќа беше и официјално отворено 3. издание на „Преку езерото“.
– Да се зборува за трето издание на фестивал кој е создаден само од нашата страст да го споделиме светот на филмот со други луѓе, навистина е, ама навистина многу, многу тревожна работа. Кога за прв пат ќе направиш нешто, на Медитеранот тоа се нарекува: „Имање среќа“! Кога пак истото тоа ќе се повтори уште еднаш, дури и со намера, тоа ќе ти го опишат како: „А бе, се случува“! И најпосле, кога е по трет пат, е дури тогаш може да се рече дека тоа нешто и навистина постои! Драги мои, ние сме само на миг пред третото издание на нашиот фестивал. Многу се радувам што со вас ќе ги споделиме овие незаборавни денови со приказни. Приказни од Балканот и Медитеранот, за кои сум убеден дека ќе ги променат нашите верувања дека на овој дел од светот има смисла да се верува во што и да е, ако е помалку од три пати! Верувајте! – рече Јани Бојаџи, директор на фестивалот.
Наградата на Владо Јовановски му ја врачи почесниот српски конзул во земјава, Владимир Стајиќ.
– Пријатели на филмот, чест ми е што сум дел од филмскиот фестивал „Преку езерото“, каде сите заедно ќе ја славиме уметноста, креативноста и страста за филмот. Вечерва моја е честа да ја доделам наградата на еден исклучителен уметник чие име е синоним за врвно актерство и посветеност на филмската уметност. Тој трпеливо ја градеше својата кариера и остави неизбришлива трага во светот на кинематографијата. Еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и кој стана миленик на публиката на целиот Балкан – рече Стајиќ.
Владо Јовановски, пред бројната публика во Амфитеатарот во Дојран рече дека оваа награда е огромна одговорност во идни ангажмани.
– Оваа награда ми претставува особена чест, ќе ми претставува уште еден товар во куферите што ние актерите ги носиме на нашите плеќи. Ова треба да се оправда, ова треба да се заслужи, ова треба постојано и секогаш во секој нареден проект достоинствено да се оправдува, а тоа не е лесно. Господ да ми е на помош! – рече Јовановски и се заблагодари за наградата.
На присутните им се обрати и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Публиката уживаше во проекцијата на „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ, кој е истовремено ипоследниот филм на Мето Јовановски, во македонскиот „Параноик“ на Андреј Георгиев и францускиот „И покрај тоа што е ноќ“ на Гилермо Гарсија Лопез.
Претходно, во претпладневните часови, како дел од студентската програма на „Преку езерото“ се одржа вториот пичинг на студенти на конкурсот за финансиска подршка на дипломски филмови. Високите температури не беа пречка талентираните млади да ги споделат своите идеи и планови со директорот на фестивалот Јани Бојаџи и Александар Русјаков, во улога на ментор за пишување сценарија.
Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, нуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.