61 ученик на Републичкиот натпревар по класични јазици

На Филозофскиот факултет во Скопје денеска во 10.30 часот ќе се одржи 51. републички натпревар по класични јазици за основци и средношколци од Македонија. Учениците ќе се натпреваруваат во две категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија и здравствена струка.

Пријавени се 61 ученик од вкупно 16 училишта – 48 ученици од гимназиско образование и 13 ученици од здравствена струка.

Натпреварите финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учествуваат и студентите од Институтот за класични студии. Натпреварот го организира Здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет. Традиционално, за време на натпреварите здружението ќе го одржи своето Годишно собрание.

Здружението „Антика“ постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Македонија и популаризација на класичната филологија.

Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји. Здружението го издава електронското списание Systasis (www.systasis.org). Во ноември минатата година излезе 41-от број.

Сподели