Вкупно 33 промоции на нови дела и автори ќе бидат дел од програмата на Саемот на книга, кој од денеска до 14 септември ќе се одржи на отворено, пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. На саемот ќе учествуваат повеќе од 60 издавачки куќи кои најавија претставување на своите најнови изданија, промоции и саемски попусти до 70 отсто. Традиционално ќе бидат доделени награди од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).

Саемот ќе се одвива во согласност со здравствените протоколи за заштита на јавното здравје (носење маска, држење дистанца од 2 метри и дезинфекција). При влез на саемот потребно е прикажете сертификат за вакцинација или сертификат за прележан ковид-19 за сите лица над 18 години. Билети може да се купат преку онлајн-електронскиот систем www.karti.com.mk или на билетарниците пред саемот. За лица до 18 години билетот чини 20 денари.

Работното време на саемот од денеска до сабота е од 10 до 21 часот, во недела и понеделник – од 10 до 20 часот, а во вторник, на затворањето – од 10 до 17 часот. Програмата и распоредот на промоции се објавени на социјалните медиуми може да ги видите ТУКА.

Саемот на книга е организиран во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија, а е поддржан од Министерството за култура.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.