Акции за пошумување, логорување, студиски посети се само дел од активностите на Факултетот за безбедност при УКЛО

Иако соработувам со бројни институции од областа, најдраго ми беше предавањето на предлог на Универзитетското собрание, каде заедно со студентите ги анализиравме актуелните состојби во областа на екологијата – вели проф. д-р Марина Малиш Саздовска

Младите генерации ги привлекуваат наставните содржини од областа на криминалистиката, криминологијата, полициското работење и други наставни програми кои се составен дел на студиските програми при Факултетот за безбедност во Скопје, при битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“. Според моето убедување како професор на криминалистичката катедра, содржините кои се однесуваат на криминалистичките истраги на местото на настан, како и посебните методики за откривање на економскиот криминал, тероризмот, организиран криминал, сајбербезбедноста и сл. се теми атрактивни за студентите – вели проф. д-р Марина Mалиш Саздовска. Еколошкиот криминалитет во земјава е една од сферите на интерес на проф. Mалиш Саздовска, дипломиран криминалист и доктор на социолошки науки.

Каков е интересот за Факултетот за безбедност при УКЛО?

– Факултетот за безбедност при УКЛО е високоoбразовна институција која датира од 1977 година, со квалитетни студиски програми и наставен кадар, за кои студентите пројавуваат особен интерес. Денес факултетот продолжува со повеќедецениската традиција за образование на кадри од областа на безбедноста. Студентите се заинтересирани како за самиот процес на студирање, така и за нивните идни можности за вработување во безбедносниот сектор. Факултетот за безбедност Скопје е меѓу првите факултети каде се  имплементира ЕКТС системот и преку современи начини на едукација, кои вклучуваат и бројни интерактивни активности со студентите, се создаваат услови за квалитетен трансфер на знаења на студентите.

Посебен квалитет на наставно-образовниот процес е наставниот кадар кој има претходно работно искуство во безбедносните органи и истото несебично го споделува со студентите во рамките на предавањата, но и дополнителните активности кои често вклучуваат реализација на сценарија, студиски посети, организација на летни и зимски школи и сл. Во однос на практичната работа на студентите им се овозможува посета и практична работа во сите релевантни безбедносни органи и институции, како на пример: Министерство за внатрешни работи, Царинска управа, приватен безбедносен сектор и сл.

Што најмногу ги привлекува во оваа област младите генерации?

– Младите генерации ги привлекуваат наставните содржини од областа на криминалистиката, криминологијата, полициското работење и други наставни програми кои се составен дел на студиските програми Криминалистика, Криминологија и криминална политика и Безбедност. Според моето убедување како професор на криминалистичката катедра, можам да заклучам дека содржините кои се однесуваат на криминалистичките истраги на местото на настан, како и посебните методики за откривање на економскиот криминал, тероризмот, организиран криминал, сајбербезбедноста и сл. се теми атрактивни за студентите. Исто така, посебен интерес и внимание предизвикуваат и воннаставните активности, како што се логорувањето, реализација на практични сценарија, учеството на бројни настани организирани од страна на факултетот и студентското собрание.

На мое задоволство, во изминатиот период со студентите на Факултет за безбедност имаме реализирано бројни активности во рамките на предметните содржини кои третираат актуелни теми. Така, имаме организирано акции за пошумување, посети на Државен инспекторат за животна средина и Езерска полиција, истражување за пристап до информации од јавен карактер односно тестирање на еден од столбовите на Архуската конвенција, реализација на практични сценарија, гостување на национална телевизија и др.

Иако соработувам со бројни институции од областа, најдраго ми беше предавањето на предлог на Универзитетското собрание, каде заедно со студентите ги анализиравме актуелните состојби во областа на екологијата.

Вие имате широк дијапазон на интереси – од криминалистички тактики, преку еколошки криминал, но и регулативи на ЕУ и НАТО за заштита на животната средина. Како оваа област стана ваша животна определба?

– Почнувајќи од темата за магистерската теза и докторската дисертација, заштитата на животната средина стана моја професионална, академска и стручна ориентација, бидејќи ние како население на планетата Земја немаме резервна планета. Состојбата со еколошките аспекти на живеењето се алармантни, човештвото беспоштедно ги искористува природните ресурси, се врши девастација на животната средина и природата. Денес сме сведоци, особено со климатските промени, дека времето за промени одамна е започнато и дека доколку нешто не се стори во најбрз можен рок, нема да има што да им оставиме на нашите наредни поколенија.

Особено е значаен и аспектот на еколошката етика и залагањата на Брутландската комисија за одржлив развој, заради грижата за наредните генерации со цел создавање услови за здрава животна средина во нареден период.

Исто така, виктимолошките аспекти се многу значајни. Имено, заради одредени загадувања, не сме во можност да ги согледаме веднаш директните последици од загадувањето врз здравјето на луѓето и заради тоа изостанува индивидуална акција за детекција и пријава на еколошки кривични дела во земјата. Ова е појава која во Македонија е забележителна со високиот процент на фатални последици по здравјето на луѓето заради загадениот воздух, особено во зимскиот период од годината.

Често сте гласни кога ќе се наиде на т.н еколошки криминал, или да појасниме, кога има криминал со националните шуми, незаконска сеча и сл. Факт е дека македонските шуми се оголени и дека овој тип на криминал буквално цвета. Какви се вашите сознанија во последните 10 години?

– За жал, пустошењето шума претставува сериозен проблем во земјата, каде организирани криминални групи т.н. шумска мафија ги соголуваат шумите, сторуваат кривични дела и предизвикуваат несогледиви штетни последици за почвата, климата и др.

Според одредени истражувања на МВР за 2021 година, констатирано е делување на 10 организирани криминални групи кои пустошат шума. За временскиот период 2016 -2019 год. извршени се 211 кривични дела пустошење шума, причинета е материјална штета од 228 милијарди денари и одземена 58.837 мeтри кубни дрвна маса. Овие показатели укажуваат за масовноста на појавата, материјалната штета која се причинува и која е од огромни размери, а може да се заклучи и дека штетата за шумите како национално богатство и шумски фонд е значајна.

Мора да напоменеме дека не постои една мерка или еден орган со чија активност може да се реши овој горлив проблем. Напротив, потребно е сите надлежни органи, пред сè МВР, заедно со останатите чинители, да преземаат континуирани мерки и активности за откривање, докажување и разјаснување на овој вид на криминал, со цел заштита на шумите во нареден период.

Работите ли Еразмус-проекти на вашиот факултет, односно дали имате меѓународни соработки со други универзитети од сроден тип?

– Еразмус мобилноста за наставен кадар и студенти е застапена со солиден процент на реализирани активности во изминатиот период. Факултетот за безбедност е членка и на CEEPUS програмата за мобилност, што овозможи студиски посети на странски универзитети од сродни области, при што имавме прилика за споделиме добри практики и да размениме искуства со колеги од Европа, а со цел унапредување на квалитетот на наставата, збогатување на наставните содржини, вмрежување со цел реализација на заеднички проекти и сл.

Моето искуство од мобилноста во Универзитетот во Велика Горица, Хрватска и Лудовика Универзитетот во Будимпешта, Унгарија ги оправда очекувањата и претставуваше солидна основа за збогатување на личното академско искуство, како и пренесување на знаења од областа на еколошката криминалитика, безбедносниот менаџмент и сл.

Каде е Македонија по прашањето на заштитата на животната средина, кога би споредиле со ЕУ-земјите?

– Често пати напоменувам дека Република Северна Македонија има солидна транспонираност на европското законодавство, вклучително и законодавството за заштита на животната средина и природата, но она што недостига е целосна имплементација на тие законски одредби во земјата. Имено, нашето национално законодавство е согласно европското, но се поставува прашањето дали и колку истото се реализира со цел имплементирање на потребните стандарди за заштита.

Како член на работната група при Европскиот совет во 2029 година, за измена на Европската директива за заштита преку кривичното право, имав можност да ги согледам процесите на донесување на квалитетни европски документи, со кои се уредува значајна материја за заштита на животната средина преку адекватна примена на кривичното право. При тоа имаше дискусија за дефинирање на кривично дело екоцид, кое во нашата земја е инкриминирано како казниво поведение со последните измени на Кривичниот законик од минатата година, а кое во делот за животна средина во Глава XXII стапи на сила на 15 март 2024 година.

Може да се заклучи дека измените и дополнувањата во нашето национално македонско законодавство ги следат актуелните трендови на европско ниво, но ние во Македонија имаме други предизвици за успешно сузбивање на еколошкиот криминал во земјата.

Бидејќи тоа е тема за сеопфатна и мултифакторска анализа која може да биде предмет на интерес за другата дебата, во оваа прилика ќе напоменам само два клучни аспекти. Првиот е неоpходната потреба во Министерството за внатрешни работи да се формира посебна организациона единица со цел создавање на услови за квалитетни криминалистички истраги со цел откривање на сторители на кривични дела, како поединци, така и за организирани криминални групи. Вториот важен аспект е корупцијата која е застапена во сите сегменти на општествениот живот на земјата, вклучително и во екологијата. Еколошката корупција е пречка за ефикасни криминалистички истраги на еколошките кривични дела.

Доколку овие, и други криминогени фактори, бидат предмет на интерес на надлежните органи во нареден период, може да сметаме за успешна заштита на животната средина и природа во земјата.

Јас би завршила со позната максима „Мисли глобално, делувај локално“, како поттик и мотив за нашите активности во периодот кој следи, а во насока на заштита на животната средина.

Сподели