50 карикатури на автори од цел свет изложени на In Vinica veritas во Крива Паланка

Изложбата In Vinica veritas е отворена во Центарот за култура во Крива Паланка, а на ена се претсавени 50-те најуспешни селектирани карикатури од светски познати автори. Изложбата е дело на истоимениот Меѓународен фестивал за хумор и сатира, а се организира во соработка со Домот на култура ,,Тошо Арсов“ од Виница. Темата на 15. издание на конкурсот за карикатура е „Нештата стануват возможни“.

– Годинава на меѓународниот конкурс учествуваа 224 автори од 46 држави, со вкупно пристигнати 622 карикатури, а во изложбениот простор на Центарот за култура од Крива Паланка поставени се 50 карикатури кои од интернационалното жири беа оценети како најдобри, меѓу кои и трите првонагредени карикатури од автори од Колумбија, Кина и Шпанија. Благодарение на овој конкурс, Виница и Домот на културата одамна фигурираат на интернационалната мапа на фестивали за хумор и сатира, а општината е една од светските престолнини на карикатурата – истакна Благица Стојановска, директорка на Домот за култура од Виница.

Таа подвлече дека им преставува особена чест и задоволство што изложбата е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“, посочувајќи го градот како пример за негување на културните вредности и афирмација на културата.

– Крива Паланка од отсекогаш била пример за квалитетни културни настани и збиднувања. Секоја чест за колегите од културните институции, нека продолжат со истото темпо за да го оправдаат епитетот на Град на културата за оваа година – рече Стојановска.

Сподели